Стратешки дијалог – Ветар во грб од Вашингтон кога ЕУ интеграцијата е во застој

8 mins read

Македонија и САД потпишуваат нов Стратешки документ кој треба дополнително да ги развие меѓусебните релации и да го надгради постојниот договор за стратешко партнерство од 2008-та година

Македонската официјална политика дава сериозни сигнали дека не сака да тапка во место поради постојаните вето-уцени од соседните земји-членки на ЕУ што ја држат земјава повеќе години во предворјето на Унијата.

Потврда за тоа е отпочнувањето на Стратешкиот дијалог на Македонија со САД што преставува ново ниво во меѓусебните односи и продлабочувањето на соработката меѓу двете земји во време кога ЕУ интеграцијата на земјава е во застој.

Домашните експертски кругови, во кои се анализираат со внимание сите дипломатски сигнали и сите опции што сега стојат пред Македонија, додека земјата во некоја подобра точка во иднината ќе чека да стане членка на Унијата велат дека потпишувањето на отпочнувањето на Стратешки дијалог со САД не е алтернатива на ЕУ, напротив, таков договор и дијалог само ќе ни помогне побрзо да станеме членка и на Унијата.

Универзитетскиот професор Ана Чупевска за „Слободен печат“ осврнувајќи се на актуелните случувања во односите меѓу САД и земјава вели дека соработката меѓу двете земји е суштинска и опфаќа широк спектар на прашања кои се од национален интерес и имаат за цел да го подобрат животот на граѓаните на Северна Македонија.

 

– Тоа е потврда на долгогодишната соработка. Ова практично преставува дека двете земји ќе се посветат на уште подобра и подлабока соработка и комуникација во сите полиња. Истовремено во никој случај не значи дека засилената поддршка на САД ќе ги наруши односите со ЕУ. Напротив земјите кандидатки за ЕУ како што е нашата и се потребни големите сили како Америка да помогнат макар и преку дијалог со властите во остварување на западните вредности овдека. Наша среќа е што САД низа години не отстапуваат од ова партнерство што деновиве се круниса со потпишување на нови меѓусебни договори – вели Чупевска.

Слично како Чупевска размислува и поранешниот амбасадор Огнен Малески. Тој неколку пати во изјави за „Слободен печат“  посочува дека потпишувањето на стратешки договор со САД и отпочнување на нов дијалог за соработка не е алтернатива на Европската Унија.

– Се согласувам со министерот Османи дека се работи за две различни, но сосема компатибилни партнерства, кои не се исклучуваат едно со друго. Јакнењето на македонското партнерство со САД не е отклон од амбицијата нашата земја да стане членка на ЕУ. Напротив, тоа може само да ја забрза евроинтеграцијата, никако да ѝ наштети, имајќи ја в предвид и блискоста на САД со Брисел. Така што, потпишувањето на стратешки договор со САД го гледам апсолутно како помош од САД за нас и нема индиции поинаку да се толкува. Впрочем и во самата ЕУ има земји кои посакуваат и градат посебни односи со САД, затоа што секоја земја си го има правото на самостојно одлучување за својата надворешна политика – вели Малески.

Во врска со потенцијалната помош од САД за тргање на бугарското вето од преговарачката рамка Малески вели дека во овој момент, по инвазијата на Русија врз Украина, САД не можат директно и експлицитно да делуваат, но уверен е дека делува тајната дипломатија.

Регионални иницијативи

Во меѓувреме она што е достапно во објавените информации околу првиот Стратешки дијалог меѓу Скопје и Вашингтон, беше наведено дека двете земји се со силна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и слободата да ја следи нејзината избрана европска иднина. Тие ја повикаа Русија веднаш да ја прекине својата непредизвикана војна и целосно да се повлече од Украина. САД и С. Македонија ја потврдија својата посветеност на регионалната интеграција на Западен Балкан преку политички, економски и безбедносни иницијативи и ја истакнаа својата поддршка за економската интеграција и просперитетот на Западен Балкан. Вашингтон ја истакна важноста за унапредување на процесот на пристапување во ЕУ за Северна Македонија и Албанија што е можно поскоро.

Одбрана и безбедност

Како најнов сојузник на НАТО, Северна Македонија во документот се наведува дека ја истакна својата посветеност за промовирање мир и стабилност на европскиот континент. И САД и Северна Македонија ја  на средбите во Вашингтон ја истакнаа стратешката важност од развивање на одбранбени капацитети од висока класа, спроведување билатерални вежби и активности за обука за подобрување на интероперабилноста и подготвеноста, како и важноста од исполнување на обврските на НАТО за поддршка на колективната безбедност. Дополнително Америка ги признава достигнувањата на земјава во однос на модернизацијата и опремувањето на нејзините вооружени сили со напредни воени средства, како и напорите за унапредување на нејзината сајбер-безбедност и сајбер-одбранбени капацитети. Администрацијата на Бајден го пофали развојот на областа за обука Криволак во земјава за да им служи на сложените обуки на сојузниците и партнерите во НАТО.

Енергија и животна средина

Двете земји ја повторија својата посветеност за зголемување на енергетската диверзификација и независност во поддршка на националната безбедност и на начин што ќе ги спречи најлошите влијанија од климатските промени со задржување на дофат на границата од 1,5 Целзиусови степени на пораст на температурата. Двете земји ја повторија својата посветеност за зајакнување на партнерството во транзициското и производството на обновливи извори на енергија. С.Македонија ги повтори своите заложби дека постепено ќе го исфрли јагленот до 2030 година и ќе придонесе за целта на Глобалното ветување за метан за 30 отсто намалување на глобалните антропогени емисии на метан до 2030 година од нивоата во 2020 година.

Билатерална соработка и владеење на правото

Двете земји се посветени на промовирање на демократијата, владеењето на правото и човековите права и на регионално и на глобално ниво, и се надоврзуваат на ветувањата дадени на Самитот за демократија чиј домаќин беше претседателот Бајден. Годината на акција е можност за двете земји да ги спроведат заложбите на Самитот и да продолжат со напорите за зајакнување на демократијата дома, регионално и глобално. Соединетите Држави го поздравија интересот на Северна Македонија да стане земја партнер со Глобалната програма за влез на Царината и заштитата на границите на САД.

Трговија и инвестиции

Исто така беше потврдена уште една и заедничката посветеност за проширување и продлабочување на билатералната економска и комерцијална соработка. САД ја препознаа С.Македонија како стратешки важен пазар во развој со висок понтецијал. Во таа насока двете држави изразија подготвеност да ги искористат комерцијалните можности, да ги унапредат реформите во деловната клима и да продолжат со идентификување и намалување на бариерите за трговија и инвестиции.

 

 

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Давор Панчевски ви препорачува: Здрав домашен сладолед без шеќер подготвен со 3 состојки

Следно

„Градски паркинг“ со санкции за 125 непрописно паркирани возила на јавни површини

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian