Ракометната федерација на Македонија ја исплати наградата од 50.000 евра на машката сениорска репрезентација за пласман на Светското првенство во 2023 година кое ќе се одржи во Полска и Шведска.
По претходно донесена одлука на Управниот Одбор, денеска РФМ ја исплати наградата на репрезентацијата која по осмипат ќе игра на Мундијалите.
Избраниците на селекторот Кирил Лазаров кој е воедно и играч, обезбедија пласман на СП совладувајќи ги репрезентациите на Романија и Чешка во бараж квалификациските натпревари.
Според најавите нашите најдобри ракометари своите противници на Мундијалот ќе ги дознаат на 2 јули во Катовице, Полска.
И натаму не се комплетирани сите учесници на светскиот ракометен собир, пет репрезентации треба да дојдат уште од африканската зона, еден учесник од Северна Америка, а на две селекции ќе им бидат доделени „вајлд-карти“.
Се очекува Македонија да се најде во вториот шешир пред жрепката заедно со Катар, Хрватска, Белгија, Бразил, Португалија, Полска (домаќин) и Црна Гора.