Интервју со Андреј Ал-Асади, поет: Поезија треба да се пишува за да се вардиме од заборав

6 mins read

Немаше да напишам ниту еден збор или стих без луѓето. Тие се шаманите што ми ја подаваат чашката и шејхот што ме бакнува в чело, вели Ал-Асади.

Стихозбирката „Секој секому огледало“ од 26-годишниот Андреј Ал-Асади, во издание на „ПНВ Публикации“ беше промовирана минатата недела. Станува збор за ретка воздишка во цивилизација што го трати зборот во служба на визуелното и сведоштво на реторика што инсистира дека сите се создаваме едни низ други.

Како настана оваа четврта Ваша стихозбирка? Дали поетската мисла Ви се надоврзува една на друга или секоја книга има засебен уметнички идентитет?

– Оваа стихозбирка настана во период од неколку месеци, а песните се напишани стихијно, во еден здив, без никаква намера и цел. „Секој секому огледало“ е напишана како некој да ми диктирал длабоко однатре, а јас само да сум молчел и запишувал. Нешто како транс. Сепак, од аспект на личноста, стихозбирката на еден поет секогаш се надоврзува на претходната и на онаа што следува. Тоа се длабоки и неконтролирани процеси, за кои нема начин да се скријат. Сличноста на „Секој секому огледало“ со моите претходни три стихозбирки може да се набљудува во три правци: тематиката, стилот и структурата. Нејсе, оваа книга е целина самата по себе и мора да се чита како таква.

Андреј Ал-Асади
Андреј Ал-Асади / Фото: Дизајн на корица Андреј Павлов

Кога и како откривте дека сте поет? Дали имаше иницијација во службата на зборот?

– Во пишаниот збор, следствено на возраста и интересите што со себе ги носи, ме иницираа текстописци и музичари како Боб Дилан, Џим Морисон и Џими Хендрикс. Како и да е, тоа почна да се развива многу брзо и неочекувано: преку Ален Гинзберг и Бит генерацијата; завршив со Вилијам Блејк, Џон Дан и Вилијам Шекспир. Сепак, немаше да напишам ниту еден збор или стих без луѓето. Тие се шаманите што ми ја подаваат чашката и шејхот што ме бакнува в чело. Таа иницијација се повторува секојдневно со секој пишан збор, со секој стих или поема. За мене, секоја нова песна претставува нова епифанија.

Андреј Ал-Асади
Андреј Ал-Асади / Фото: Диме Данов

Огледалото се појавува и во насловот на стихозбирката и како мотив во одредени песни. Зошто се протега оваа нишка и дали има борхесовски конотации?

– Огледалата во оваа книга немаат никаква борхесовска конотација. Станува збор за поим земен од „Тасавуфот“ (мистичната научна гранка на исламот). Кој го читал Руми Хафез, Ибн Араби или Ал Халаџ, ќе знае за што станува збор. Второ, јас гледам на песните како на огледалца односно секоја песна го претставува начинот на кој јас гледам на нештото. Од другата страна, и самото „нешто“ ме гледа мене низ песната. Сите ние и секоја единка од живиот и неживиот свет за мене претставуваат огледалца свртени едно кон друго.

Каде во Вашите дела го гледате наследството на македонската поетска традиција, а каде индивидуалноста? Колку од поетскиот израз се должи на предците и кои Ви биле најголемите влијанија?

– Наследството се наѕира зад секоја песна. Како и да е, највоочливо е во употребата на стилските фигури и начинот на кој ги сместувам во песната. Може да се забележи, исто така, и во тематиката на некои од песните и употребата на архаизми. Сепак, тоа е само мал дел од целокупната слика, можеби само рамката на огледалото, другото е сè мое.

Андреј Ал-Асади
Андреј Ал-Асади / Фото: Диме Данов

Во книгата има кју-ар кодови, кои водат до лични рецитации на неколку Ваши песни. Дали ритамот и звучноста на стиховите беа предводници во изборот? Или, пак, избиравте песни кои сметате дека се најуспешни или Ви се омилени?

– Изборот на песни што ќе имаат кју-ар кодови беше сосема случаен. Роковите нè притискаа, а стихозбирката требаше да биде готова пред Саемот на книгата. Затоа избрав по една-две песни од секој циклус, имајќи го на ум читателот и содржината на целата книга. Снимањето беше брзо и аудиодокументите беа бргу подготвени. Секако, можев да ги изберам моите омилени и најзвучни песни како „Цоцев Камен“, на пример, напишана во 7/8 ритам (дактил-трохеј-трохеј). Но, тоа не беше целта.

Зошто треба да се пишува поезија денес?

– Поезија денес треба да се пишува за да се соочиме со себеси и со времето во кое живееме; за да го одржиме жив и распламтен огнот на предците и јазикот што го зборуваме; за да се спротивставиме на апсолутното релативизирање на капиталистичкото општество; за да научиме да се фокусираме и да се стекнеме со зголемено внимание; за да се вардиме од заборав.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Оружје пронајдено при претрес во скопско

Следно

ВИДЕО | Дали кандидатите за уставни судии треба јавно да се претстават пред јавноста – дебата меѓу пратениците Каевски и Милошоски

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian