Се чини дека настапите во живо на македонските музичари се враќаат на голема врата. Вчеравечер нашата поп-дива Тамара Тодевска настапи во еден скопски локал и им приреди неколкучасовно музичко уживање на нејзините обожаватели.
Иако беше облечена во црно-бела модна комбинација, за која се погрижи младиот дизајнер Игор Марков, таа со својата позитивна енергија го „обои“ просторот во најубави бои.
Една од првите песни со кои Тамара ја поздрави публиката беше култната „Ноќна кралица“ од Ерзана, со која докажа дека е вистинска кралица кога станува збор за настапите во живо. Потоа следеа уште неколку одлични изведби на стари хитови на нејзините драги колешки Каролина Гочева, Елена Ристеска и Ребека, меѓу другите.
Поп-дивата не ја пропушти приликата да испее нешто и од човекот кој ѝ ги има напишано најубавите текстови, Игор Џамбазов. Иако Тамара пееше за „Време за плачење“, нејзината публика беше согласна дека е време за пеење и добра забава.
Од нејзината прва песна „Дали знам“, па сѐ до нејзиниот последен хит „Порок“, Тамара ги испеа повеќето песни кои ја одбележаа нејзината дведецениска музичка кариера. Евровизиската песна „Proud“ беше проследена со силен аплауз, а сосема очекувано – присутните одлично се забавуваа и на „1003“ и „Тажна љубов, среќна песна“.
Сепак, изведбата на дуетската песна „Гушни ме“, која Тамара своевремено ја испеа со непрежалениот Влатко Илиевски, беше еден од најемотивните моменти од вечерта.
Тамара, вчера беше фантастична!


