Една од целите на стратешкиот дијалог е да помогне во искоренување на корупцијата во Северна Македонија, рече за Гласот на Америка на македонски јазик специјалниот претставник на Стејт департментот за Западен Балкан Габриел Ескобар.
„Нашата цел во овој дијалог беше да бараме алатки што ќе можеме да ги користиме заедно да ја поразиме корупцијата, не само во Северна Македонија, туку и во регионот и во Европа“.
Ескобар рече дека со македонските партнери за време на вчерашниот стратешки дијалог во Вашингтон зборувале и за политички и воени прашања, култура, образование и други теми од заеднички интерес на двете држави.
Тој, меѓудругото, зборуваше и за спорот со Бугарија, потенцирајќи дека следни за влез во ЕУ треба да бидат Северна Македонија и Албанија.