Атентатот во Марсеј и германските нацистички тајни служби (4)

9 mins read

Посебно важно место меѓу германските разузнавачки служби што имале врска со ВМРО на Ванчо Михајлов била „Абвер“ (Amt Ausland-Abwehr), која била разузнавачка служба на Врховната команда на вооружените сили (Вермахт) на Германија. Таа, заедно со РСХА, претставувала најважниот сегмент во разузнавачкиот и безбедносниот систем на Третиот Рајх.

Владо Черноземски бил погребан на 12 октомври на гробиштата во Марсеј. Неговото мртво тело било детално прегледано од медицински лица и притоа било утврдено дека имал тетовиран знак на македонската револуционерна организација со кирилски букви ВМРО на левата рака. Тетовирањето било направено неколку години претходно, па така освен што бил препознаен по фотографиите на бугарската полиција, неговиот идентитет бил потврден и преку пронаоѓање на лицето што ја направило тетоважата.

Владо Черноземски на фалсификуваниот пасош

Меѓутоа, без разлика на позитивната и недвојбена идентификација на Черноземски, гласините дека станува збор за припадник на хрватската усташка организација се ширеле меѓу хрватските емигранти во Берлин и во Виена, за да се докаже дека атентатот е дело на „поробените“ Хрвати, а истовремено ваквата теза користела за да се отстрани сомнежот кон германската СС-служба за безбедност, која имала врски со автономистичката ВМРО.

Посмртните останки на Владо Черноземски биле пренесени во мртовечницата на Марсеј, а набрзо потоа, ноќе биле полутајно закопани во таканаречениот „Сектор 37“ од гробиштата „Сен-Пјер“. Гробот не добил посебна ознака, ниту стоело името на покојникот.

Во 1939 година посмртните остатоци од овој гроб биле ексхумирани и „претресени“ од непознати сторители, а биле украдени само делови од горната вилица и од черепот. Се претпоставува дека усташките митомани се обиделе да ископаат цел череп кој, според усташкиот ритуал, би требало да биде сместен во тајно светилиште, сè до прогласувањето на Независната Држава Хрватска, но бидејќи по обдукцијата во 1934 година черепот бил исечен и некои делови од вилицата биле задржани во уредот за патологија, таквата некрофилска операција се покажала како нецелосна и, во крајна линија, бескорисна.

Павелиќ признал одговорност

На 18 ноември 1935 година во Екс-ан-Прованс започнало судењето против Мијо Краљ, Звонимир Попешил и Иван Раиќ, за соучесништво во атентатот во Марсеј.

Мијо Бабиќ, Владо Черноземски и Звонимир Поспишл во логорот „Јанка Пуста“

По сведочењето на Раиќ и Поспешил, францускиот суд побарал од италијанската влада да ги испорача Еуген Дидо Кватерник и д-р Анте Павелиќ како организатори на атентатот. Италија го одбила ваквото француско барање, но сепак и двајцата усташки првенци ги уапсила на 17 октомври 1934 година во Торино. Следувале нивни испрашувања, а писмените искази и објаснувања им биле предадени на француските судии.

Во нив обвинетите категорично негирале соучесништво во нападот. Павелиќ, кој живеел под лажно име, секако, со одобрение од италијанските фашистички власти, за време на испрашувањето пред безбедносните органи изјавил: „Изненаден сум што југословенската полиција неоправдано го измисли ова обвинение против мене. Се чувствувам повреден и нема да дадам изјави за ова прашање“. Подоцна, Павелиќ ќе ѝ признае и на италијанската полиција, но и писмено на францускиот јавен обвинител, а со тоа и на светската јавност, дека атентатот бил „дело“ на „Хрватската револуционерна организација“ на чие чело се наоѓал токму тој.

Ванчо Михајлов и Анте Павелиќ

Атентатот во Марсеј бил организиран со помош на германските тајни служби. Овие служби имале врска со ВМРО на Ванчо Михајлов. Познатата Гестапо (Geheime Staatspolizei), односно Тајна државна полиција, била создадена на 26 април 1933 година. Нејзините озлогласени припадници била препознатливи по црните и темнозелени униформи. Произлегувала од пруската тајна полиција. „Таткото“ на Гестапо бил Херман Геринг, а неприкосновен раководител бил Хајнрих Химлер. Станувало збор за политичка полиција подредена на Министерството за внатрешни работи на Рајхот, но со многу широки овластувања и затоа се развила во озлогласен инструмент на државната моќ. За време на војната извршила големи воени и други злосторства.

Потоа, тука била „Безбедносната служба“ Зихерхајтсдинст (Sicherheitsdienst со кратенка „SD“) која фактички била разузнавачката служба на СС. Таа, најнапред, била разузнавачка организација на нацистичката партија и се сметала за „сестринска организација“ на Гестапо. Помеѓу 1933 и 1939 година, СД била под раководство на Безбедносната полиција (Sicherheitspolizei), по што била ставена под управа на државната безбедност РСХА (Reichsicherheitshauptamt).

И Главната канцеларија за државна безбедност (РСХА) била една од организациите внатре во СС, создадена од Хајнрих Химлер на 22 октомври 1939 година, паралелно со СД. Нејзе подоцна ѝ се приклучил и Гестапо. Задачата на РСХА била да се бори против сите „непријатели на Рајхот“. Во тоа спаѓале масони, Евреи, комунисти, Роми и други „непријатели на Третиот Рајх“. Всушност, РСХА требало да ја координира работата на сите германски тајни полициски и разузнавачки организации. Првиот шеф на РСХА бил обергрупенфирерот (генерал) Рајнхард Хајдрих и по неговото убиство во 1942 година, на чело дошол Ернст Калтенбрунер, кој останал на таа позиција до крајот на војната.

Германските врски на Михајлов

Посебно важно место меѓу германските разузнавачки служби кои имале врска со ВМРО на Ванчо Михајлов била „Абвер“ (Amt Ausland-Abwehr), која била разузнавачка служба на Врховната команда на вооружените сили (Вермахт) на Германија. Таа, заедно со РСХА претставувала најважниот сегмент во разузнавачкиот и безбедносниот систем на Третиот Рајх. Абвер, во основа, била централна, стратегиска и воена разузнавачка институција со основна задача да организира и да спроведува субверзивни активности во странство од најширок опсег. На чело на Абвер прво се наоѓал контраадмиралот Конрад Патциг, а потоа од 1 јануари 1935 година вицеадмиралот Вилхелм Канарис, кој станал и дел од личниот „работен штаб“ на фирерот.

Александар Караѓорѓевиќ и Луј Барту

Ванчо Михајлов во повеќе наврати се обидувал да се огради од неговите контакти со владите на фашистичките држави околу плановите за атентатот врз кралот Александар и францускиот министер Луј Барту, при што негирал дека Германија била вмешана, а ги отфрлувал и обвиненијата дека имал средби со Мусолини… Но, „по разгледувањето на сите показатели, доказите оделе во правец на тоа дека убиството на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ било внимателно подготвено и испланирано од страна на раководството на фашистичка Германија“, со право тврди професорот Жежов.

Во врска со германско-нацистичката вмешаност во организацијата на атентатот во Марсеј треба да се имаат предвид активностите на германската новинарка и разузнавач Мелита Видеман. Таа била лична пријателка со сопругата на Иван Перчевиќ, кој бил хрватски емигрант во Виена, Австрија, и припаѓал на т.н. прва (стара) хрватска политичка емиграција собрана околу групата Саркотиќ, која работела на уривање на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, односно Кралството Југославија, а врз барањето за создавање независна хрватска држава. Иван Перчевиќ во првата половина на триесеттите години од минатиот век, станал висок функционер на усташката организација. Преку Мелита Видеман и преку Одило Глобочник, висок СС-функционер, Перковиќ бил инструиран, а преку него и усташката организација за подготовка на атентатот во Марсеј.

(продолжува)

Прочитајте:

Прв дел: ВМРО на Ванчо Михајлов и усташите на Анте Павелиќ (1)
Втор дел: Бегството на Михајлов од Бугарија со фашистичката помош и ликот на Владо „Шоферот“ (2)
Трет дел: Организирање на атентатот во Марсеј (3)

www.slobodenpecat.mk

Претходно

На 4 хороскопски знаци ги очекува остварување на желбите: Дали сте меѓу нив?

Следно

Блинкен: И по 100 денови руска инвазија Украина ќе опстои

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian