По рецептот на нашите мајки и баби: Како да направите домашно слатко од цреши?

2 mins read

Лажичка слатко, домашно кафе и чашка ракија „за циркулација“ – така нашите предци го започнувале денот. Слатко и вода ќе им понудиме на гостите за добредојде, за да се освежат од патувањето – таква била практиката во некои стари, добри времиња.

Теглите со овој традиционален специјалитет одамна станаа еден од омилените сувенири што странците ги носат кога заминуваат од Македонија.

За жал, поради брзиот ритам во кој живееме, слаткото од сочното домашно овошје – цреши, јагоди или вишни, домаќинките сè поретко го подготвуваат. Ако сте од оние што сакаат да се потсетуваат на старите добри времиња, подгответе слатко од цреши по рецепт од старата тетратка на баба.

Потребни состојки:

– 2 кг цреши
– 2 кг шеќер
– 2 лимони (по избор)
– половина литар вода

Подготовка:

Измијте ги црешите, па исчистете ги од коските. Во тенџере сипете вода, додајте го шеќерот, па варете на силен оган додека не зоврие.

Потоа додајте ги црешите, а ако сакате да додадете лимон, задолжително добро измијте го, па исечете го на кругови и спуштете го во тенџерето во исто време со црешите.

Намалете ја топлината на ринглата и варете уште еден час, додека не почне да се згуснува. Во текот на готвењето отстранувајте ја белузлавата пена што се појавува на површината.

Кога слаткото ќе се свари, тргнете го тенџерето од ринглата, задолжително покријте го со влажна памучна крпа и оставете слатко да се излади. Додека е уште топло, сипете го во тегли, завиткајте ги во крпа или некое ќебе и оставете целосно да се излади.

Теглите со слаткото од цреши чувајте ги на ладно и темно место.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ролан Гарос: Скандинавски скандал, Руд и Руне се закачиле во соблекувалната

Следно

Доминик Прадали нова претседателка на Меѓународната федерација на новинари

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian