Лига на нациите: Македонија оди по цел плен во Разград

4 mins read

„Рисовите“ вечерва и гостуваат на Бугарија на отворањето на новото издание во Лигата на нациите. Целта на четата на Благоја Милевски е да стартува со победа, а на крајот на мечевите во групата да го освои првото место

Македонската репрезентација го започнува своето трето учество во Лигата на нациите вечерва како гостин во Разград (18 ч) против репрезентацијата на Бугарија. Натпреварот е од Групата 4 во дивизијата Ц во која се и тимовите на Гибралтар и Грузија. По успесите последниве години Македонија влегува во овој циклус како фаврит во групата и целта на „рисовите“ е пласман на првото место. Тоа го истакна и селекторот Благоја Милевски.

За мене фаворитот треба да се покаже на теренот. Денес, фаворити пред натпревар не постојат. Оваа група е изедначена. Единствена наша цел е да дадеме максимум за да извлечеме позитивен резултат. Нашата цел е освојување на првото место на крајот на циклусот. Нè чекаат шест тешки натпревари, а не само еден. – вели Милевски.

Во нашиот тим за јунскиот циклус од четири меча ги нема Аријан Адеми, Адис Јаховиќ и Тихомир Костадинов. Нивни замени се поранешните младински репрезентативци Енис Фазлагиќ од Висла Краков, Томче Гроздановски од Злате Моравче и Бојан Димовски од Академија Пандев кои се дебитанти во А репрезентацијата. Поради повреда отпадна и капитенот Стефан Ристовски, а капитенската лента ќе ја носи Енис Барди.

Селекторот на Бугарија Јасен Петров се надева на победа во мечот со Македонија и ја повика публиката од трибините за помош во остварувањето на целта.

– Се надевам на поткрепа од публиката. Ако не си поставиме големи цели нема да натпредуваме како репрезнетација. Целта беше да ја подмладиме репрезентацијата, а сега имаме спој од младост и искуство. Дојде времето за резултати. Треба да играме агресивно, дрско и умно – вели Петров.

На последниот тест пред мечот во Разград Бугарија на 29 март изгуби од Хрватска со 2-1. Во своите последни четири меча Бугарија нема ниедна победа, а има три порази во низа при што прими 8 гола и постигна два. Македонија од последните четири меча има три победи и еден пораз, оној од Португалија во баражот за СП 2022.

Македонија и Бугарија досега играле само пријателски средби, последен пат се сретнаа во март 2016 година. На тоа гостување Бугарија победи со 2-0. Од вкупно седум меча нашиот денешен противник има четири победи, а „рисовите“ две.

По мечот со Бугарија нашиот тим в недела гостува кај Гибралтар. Потоа на 9 и на 12 јуни играме на домашен треен против селекциите на Грузија и на Гибралтар. Со тоа завршува јунскиот циклус, а натпреварите во групата ги комплетираме во септември кога одиме на гости кај Грузија и ја пречекуваме Бугарија.

Победникот од нашата група ќе оди едно скалило погоре во Лигата на нациите, во дивизијата Б, а последниот ќе игра плејаут за опстанок во дивизијата Ц. Пласманот во дивизијата Ц ќе биде значаен и како можност за квалификација за учество на ЕП 2024.

Лига на нациите Ц, Група 4, прво коло, вечерва: Грузија – Гибралтар, Бугарија – Македонија.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Мета постхумно го одликува Нишани со највисоко признание во земјата

Следно

Три најчести начини на кои можете да се заразите со мајмунски сипаници

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian