Три месеци по руската инвазија на Украина, големо мнозинство Данци, речиси 67 отсто, во средата гласаа за учество во одбранбената политика на ЕУ, според речиси целосните резултати од референдумот одржан во средата, објави Франс прес.
Ваквиот исход од данскиот референдум доаѓа откако Финска и Шведска поднесоа барање за членство во НАТО, бидејќи војната во Украина поттикна неколку европски земји да ги променат своите одбранбени политики.
„Данска вечерва испрати важна порака до нашите сојузници во Европа и во НАТО и (до претседателот Владимир) Путин. Покажавме дека кога Путин напаѓа слободна земја и ја загрозува европската стабилност, ние, другите земји, се обединуваме“, рече премиерката Мете Фредериксен.
Фото: ЕПА