Разговор со Филип Талески: Мило ми е што репрезентацијата и Вардар добија сигурност во мене

11 mins read

По подолг период задоволен сум од своите игри, ова е добредојдено кај мене и се надевам дека тргнаа работите на подобро. Задоволен сум што бев константен во играта и што добив шанса и мислам дека сиве овие години ми недостасуваше да прикажувам константни игри и на некој начин екипата да чувствува сигурност од мене, тренерот да ми верува како што беше случај сезонава, вели Талески

Ракометарите на Вардар 1961 ја освоија двојната круна благодарение на двете победи над Еурофарм Пелистер во само 20-тина дена и во кои улогата на херој ја имаше Филип Талески.

Талески го реши Е. Пелистер во финалето од Купот на Македонија постигнувајќи го голот за победа, а претходно имаше клучна улога во триумфот во Битола со која Вардар се најде во пол-позиција за освојување на титулата.

Репрезентативниот бек има огромни заслуги и за пласманот на Македонија на СП во Полска и Шведска и преку ноќ стана миленик на ракометната и спортската јавност.

– Мислам дека кликна од моја страна. Не знам како изгледа од страна, но со оглед на тоа колку позитивни коментати добив од публиката, а потоа и од спортските работници, колегите ракометари но и останатите спортисти, мислам дека возот тргна напред. Чувството е преубаво и радува фактот што во Македонија повторно се прави една убава слика за ракометот, доста се вложува и се враќа едно вечно дерби на терените кое во изминатите години ни недостасуваше. Тоа ривалство од минатото меѓу Вардар и Пелистер и ривалство на Вардар и Металург едно време изумреа, но радува фактот што повторно има борба за титула и до последен момент не се знае кој ќе го крене шампионскиот пехар – вели Талески за „Слободен печат“ кој е задоволен од своите игри сезонава.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Можеби во првите шест месеци од сезоната можев повеќе да постигнам, но важно е што имав константна форма и игра. Во вториот дел од сезоната давав повеќе голови, но во првиот имав добри игри во одбраната. По подолг период задоволен сум од своите игри, ова е добредојдено кај мене и се надевам дека тргнаа работите на подобро. Задоволен сум што бев константен во играта и што добив шанса и мислам дека сиве овие години ми недостасуваше да прикажувам константни игри и на некој начин екипата да чувствува сигурност од мене, тренерот да ми верува како што беше случај сезонава. На клупски план, тоа што беше зацртано на почетокот од сезоната, го реализиравме – влез во осминафинале во Лигата на шампионите и освојување на двојната круна во македонскиот ракомет. Можеби можевме повеќе да направиме во ЛШ, но во секој случај целта ја остваривме. Ја почнавме сезоната со Веселин Вујовиќ, па го имавме Владо Недановски, а сезоната ја завршуваме со Давид Дејвис што е потешко да се остварат зацртаните цели бидејќи секој тренер си има свој систем – додава Талески.

Недановски и Дејвис ги сменија работите

Работите почнаа драстично да се менуваат на подобро со доаѓањето на Давид Дејвис, но за Талески уште еден тренер во Вардар има голема улога за неговите добри игри, Владо Недановски. Недановски еден месец ја водеше екипата по заминувањето на Вујовиќ, а потоа остана во стручниот штаб и на Дејвис.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Мислам дека сите новинари и медиуми пропуштаат една работа, по заминувањето на Вујо екипата еден месец ја водеше Владо Недановски и тоа во клучен дел од сезоната. Доколку го загубевме дуелот што во декември се играше во Битола (27:27) со Недановски на клупата и со поразот во Скопје, ќе останевме без титулата.  Пред да си замине Вујовиќ, имав отворен разговор со Недановски кој по два дена ми се јави и ми рече дека тој муабет што го правевме, треба да се оствари. Ми рече дека Вујо доби отказ и претседателот Михајловски го назначил за привремен тренер. Недановски со еден разговор ми даде една самодоверба што уште трае и се надевам дека ќе трае до крајот на кариерата. Ремито во Битола со Недановски на клупата беше клучно за Вардар и мислам дека со доаѓањето на Дејвис продолжија работите да течат во посакуваната насока.

Вардар во вториот дел од доаѓањето на Дејвис за тренер, игра далеку подобро од првиот дел, а свое место „под сонцето“ во системот на шпанскиот стратег најде и Талески кој се наметна како главен играч и во нападот и во одбраната.

– Фактот што системот „се намести“ – се добиваат промени и новитети во игратана екипата. Мислам дека тоа беше клучот во вториот дел од сезоната, како и податокот дека под водство на Дејвис секој ракометар точно знае што треба да прави на теренот во секој момент. Куни Моралес во првиот дел играше лошо под водство на претходниот тренер, но од јануари со доаѓањето на Дејвис, тој беше еден од нашите најдобри играчи заедно со мене, со Дибиров. Дејвис воведе систем како треба да изгледа една контра, како игра во одбрана како во напад и тоа беше клучна промена во играта на Вардар но и кај нас ракометарите.

Лидери на репрезентацијата

Филип Талески имаше клучна улога и во успехот на репрезентацијата која преку два бараж натпревари обезбеди пласман на Светското првенство. Талески на Романија и даде 10 гола на натпреварот што се играше во Скопје, а во двата натпревари против Чешка постигна вкупно 12 гола и преку ноќ стана миленик на навивачите. Со прикажаните игри Талески покажа дека е подготвен заедно со Филип Кузмановски да ја презеде лидерската улога во националниот тим.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

–  Радува фактот дека конечно без комбиниран тим и без голема поддршка од Кире, Миркуловски покажаме дека сме тука и дека треба ние да ја водиме репрезентацијата во иднина. Можеби помина долг период додека да се случи тоа, но важно е што се случи и треба да радува тој факт. Покажавме дека можеме и се пласиравме на големо натпреварување каде репрезентации како Словенија немаат да играат. Треба да сме среќни и да продолжиме со работата и имплементирањето на системот на игра што го форсира селекторот и мислам дека ќе имаме добра иднина – вели Талески.

Ракометарот на Вардар вели дека малата минутажа во Рајн Некар Левен, а потоа и во Балинген е причина за тоа што побрзо „не созреа играчки“. Истиот случај е и со Филип Кузмановски, кој исто така како тинејџер замина во Магдебург и не добиваше премногу шанси да игра. Но, сега кога и двајцата редовно играат на сите натпревари, Талески во Вардар, а Кузмановски во Хановер,  покажааа дека се подготвени да ја преземат лидерската улога во репрезентацијата.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

– Македонија имаше најголеми успеси кога сите играчи играа во своите клубови, а потоа дојде период кога во репрезентацијата се вклучивме јас, Кузмановски, Неловски. Игравме во репрезентацијата и добивме многу шанси, почнувавме натпревари и ни беше дозволено да ја водиме играта, но проблемот беше што не игравме во клубовите. Јас како млад заминав во Рајн Некар Левен, Кузмановски во Магдебург, но не добивавме голема шанса. Сега Кузмановски игра постојано и веднаш се приметува тоа и во репрезентацијата. Исто беше и со мене, но сега откако сум редовен во Вардар, работите се сменија. Редовното играње покажа резултати бидејќи теренот е единствено мерило. Во овие изминати години имавме голем притисок, трпевме доста критики, но од сегашна гледна точка мислам дека неиграњето во клубовите беше најважно. Потребно е да имаме редовна минутажа за да продолжиме да напредуваме и созреваме. Не е исто да се тренира и да се игра.

Бекот на Вардар и на македонската репрезентација, смета дека заминувањето во Германија како тинејџер има и позитивни и негативни страни. Играчки не помина како што посакуваше, не ја доби потребната минутажа, но од животен аспект за Талески тоа беше важно искуство.

– Од оваа гледна точка во тој играчки сегмент загубив бидејќи не добивав можност да играм. Но, од друга страна научив многу во животот и за животот што заминав во Германија Почвстував на многу млади години како е да се замине сам во страство. Кога пристигнав во првата полусезона имав помош од Дејан Манасков и благодарен сум му на тоа. Меѓутоа, да си сам во друга држава во која почнуваш да го учиш нејзиниот јазик е многу важн школо. Научив од тренерите, од соиграчите за ракометот, но научив доста и за животот. Станав фамилијарен човек таму, се оженив, добив дете во Германија и добив нова одговорност која ме направи уште посилен. И во тие турбилентни моменти, искуството е на моја страна и одам само напред – вели Талески.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Бугарија доби американски ловци „Ф-35″

Следно

Што прави денеска: Гораст Цветковски, актер

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian