Поранешната принцеза на Катар пронајдена мртва: Го обвини поранешниот сопруг дека сексуално ја злоставувал нивната ќерка

4 mins read

Поранешната принцеза од Катар е пронајдена мртва во својот дом во Марбела, среде битката за старателство со нејзиниот поранешен сопруг, кого го обвини дека злоставувал едно од нивните деца.

Касија Галанио (45) беше трета сопруга на милијардерот Абделазиз бин Калифа Ал Тани (73), вујко на сегашниот емир на Катар.

Касија тврдеше дека нејзиниот поранешен сопруг, поранешен министер за нафта и финансии на Катар, кој беше најстар син на претходниот емир на Катар Калифа бин Ал Тани, сексуално злоставувал една од нивните три ќерки.

Галанио, кој водела раскошен начин на живот, одела на забави со славните личности и присуствувала на екстравагантната венчавка на актерката Софија Вергара со Џо Манганиело во 2015 година, е пронајдена мртва во неделата наутро во Шпанија по сомневањето дека се предозирала со дрога.

Според пишувањето на „Ле Паризиен“, шпанската полиција го пронашла нејзиното тело во креветот без знаци на физичко насилство.

Пронајдена е откако нејзината најмлада ќерка од Париз ја известила шпанската полиција дека со денови не може да стапи во контакт со мајка си.

„Ел Паис“ пренесува дека чуварот ѝ дозволил на полицијата да влезе во нејзиниот стан во неделата околу осум часот наутро.

„Ле Паризиен“ пренесе дека на 19 мај, судот во Париз ги одбил нејзините барања за старателство.

 

Галанио неодамна поминала неколку месеци во болница, а медиумите објавија дека доживеала нервен слом.

Како резултат на тоа, судијата го одложил случајот додека не се направи психолошка проценка со цел подобро да се разберат околностите на семејството, рекол „Ле Паризиен“.

Двојката има 17-годишни близначки кои првично живееле со својот татко, пред да решат да се преселат со мајка им во Марбела.

Тие имаат уште една ќерка, која има 15 години и сè уште живее со нејзиниот татко во луксузен стан во Париз, каде што тој беше протеран по државниот удар што го предводеше неговиот полубрат Хамад бин Калифа Ал Тани во 1995 година.

Поранешниот кралски пар веќе 15 години е среде жестока битка за старателство над нивните деца.

Додека Ал Тани ја обвини поранешната сопруга Касија дека е алкохоличарка со ментални проблеми, таа него го обвини дека сексуално злоставувал една од нивните ќерки.

Јавното обвинителство во Париз отвори истрага за обвиненијата за тежок сексуален напад, објави францускиот весник.

„Моите две ќерки се близначки, сакаа да живеат со мене, поради што тој го прекина контактот со нив како дел од казната. На најмалата не ѝ е дозволено да разговара со мене, што ме растажува, бидејќи нејзиниот татко сешто ѝ кажува, тоа е како манипулација и уцена“, изјавила таа неодамна во едно интервју.

Касиа Галанио, која е по потекло од Полска, пораснала во Лос Анџелес и го запознала својот поранешен сопруг кога имала 19 години. Тие се венчале во 2004 година.

Во текот на неодамнешното сослушување во Париз, беше кажано дека таткото злоставувал една од ќерките.

„Имавме лоши вести минатата недела поради кои бев целосно разочарана. На суд се тврдеше дека нејзиниот татко ја допирал несоодветно, што ќе биде предмет на истрага“, рекла таа.

Ќе биде извршена обдукција за да се утврди точната причина за смртта на поранешната принцеза од Катар.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Тоше Ончев од словенечкиот Тримо Требње во ГРК Охрид

Следно

Ковачевски – Гелштад: Унапредување на соработката со Норвешка и поддршка за евроинтеграциите

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian