Деца од градинката „11 Октомври“ од Бутел посетија изложба во резиденцијата на ЕУ

2 mins read

Петнаесетина деца од градинката „11 Октомври“ од скопската населба Бутел заедно со нивните воспитувачи ја посетија изложбата „Розови тигри, златни гуштери и уште што не“ поставена во дворот на резиденцијата на Европската Унија во Скопје.

Изложбата е инспирирана од начелата на Зелениот договор на Европската Унија, а во изминатите два месеца се реализираа четири дебати на темите што ги третира проектот „Розови тигри, златни гуштери и што уште не“.

Децата имаа можност да се сретнат со евроамбасадорот Дејвид Гир, да научат повеќе за природата, за тоа како треба да ја чуваме нашата животна средина, беа и креативни и на работилница создадоа свои уметнички дела – печати од листови.

– Амбасадорот Гир, заедно со Пол Бускот, ги пречека и им посака да се чувствуваат како да се дома. И навистина, прекрасно уредениот двор на резиденцијата бргу се исполни со безгрижен детски џагор. Кучето на амбасадорот – Нино беше ѕвезда на посетата. Децата трчаа со него и се фасцинираа од убавите тревници на резиденцијата, огромните борови дрвја, стариот керамички ќуп на влезот, како и кошницата со пчели која Бускот грижливо ја негува, соопшти „Europe House“.

Низ изложбата децата ги водеше Бојан Георгиевски од галеријата „Акантус“, која се погрижи за концептот на изложбата. Тој им објасни како се создадени делата и што значат, а тие поставуваа интересни прашања.

Со Мила Јовановска од здружението „Go Green“, пак, зборуваа за рециклирањето на хартијата, како се добива таа, колку е важно да користиме велосипед, а да се возиме помалку со автомобил.

На работилницата за создавање печати со помош на лисја, која ја водеа уметниците Доротеј Нешовски и Ана Трајковска, децата си играа со боја и со природни материјали. 

skopjeinfo.mk

Претходно

Лавров: Соработката меѓу Русија и Кина добива стратешки карактер

Следно

Брегу: Прв пат по осум години поддршката на Западен Балкан за членство во ЕУ опаѓа

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian