Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал вечерва не пред 20.45 часот ќе ја започнат четврфиналната пресметка на Ролан Гарос која според тениските експерти ќе ја обликува историјата на тенисот.
На стадионот „Филип Шатрие“ по 59. пат еден против друг ќе играат тениските титани тешки 41 гренд слем титула.
Рафаел Надал моменто е најуспешниот тенисер на сите времиња, со освоени 21 гренд слем трофеј, последниот го освои во јануари на Австралија Опен, додека Ѓоковиќ има една гренд слем титула помалку.
Во меѓусебните дуели, поуспешен е Ѓоковиќ кој има 30 победи, додека Надал има 28 триумфи.
Ролан Гарос е омилениот турнир на Надал бидејќи има 13 титули и неверојатен скор од 109 победи и само три порази.
Поранешниот гренд слем шампион, Матс Виландер, кој работи како стручен аналитичар, смета дека вечерашната пресметка може да одреди кој ќе биде најдобриот тенисер на сите времиња.
– Неверојатно сум возбуден. Лани кога играа во полуфиналето реков дека тоа е најважниот меч во историјата на тенисот поради бројот на освоени гренд слем трофеи. И сега повторно го велам истото. Ѓоковиќ ќе биде неверојатно мотивиран, не ми се верува колку брзо успеа да се врати на своето ниво. Мора да уживаме во овој момент, бидејќи не знам уште колку пати овие момци ќе играат еден против друг на Ролан Гарос или на УС Опен – потенцира Виландер.