Менструалната хигиена не е привилегија, менструaлните прозводи не се луксузно добро, 5 проценти ДДВ сега. Со ова барање денеска на мирен протест пред Министерството за финансии излегоа активистките и активистите од Регионалната мрежа за родово одговорно буџетирање, Платформата за родова активност и Период мувмент Скопје.
-Последните две истражувања спроведени од Реактор и Новинари за човекови права покажуваат дека 77 проценти од анкетираните жени и девојки трошат до 400 денари месечно на производи за менструална хигиена. Секоја трета испитаничка барем еднаш во животот се нашла во ситуација да нема пари да купи влошки и да мора да импровизира со крпи, весници, тоалетна хартија и слично. 29,5 проценти од жените кај нас не можат да си дозволат никакви менструални производи. Во јавните тоалети во нашата земја нема услови за безбедно и достоинствено одржување на менструална хигиена, рече Љупка Трајановска на денешниот протест пред МФ.
Ако на ова се надоврзат и податоците дека во РСМ 55,3 проценти од работоспособните жени и девојки се економски неактивни, односно невработени, а со тоа и зависни, а 22 проценти од жените на возраст од 18 до 64 години живеат под прагот на сиромаштијата тогаш време е државата како кандидат за ЕУ да ја примени резолуцијата од Европскиот парламент од 2019 година со која се повикаа сите земји членки да ги намалат даноците за прозводи за менструална хигиена, повикувајќи се на начелата за родова еднаквост и недискриминација, децидни се активистите. Според нив оваа директива веќе е спроведена во Белгија, Холандија, Португалија, Франција и Кипар кадешто данокот се движи од 6 до 5 проценти.
– Стапката на ДДВ за менструалните производи е 18 проценти, исто колку и за шише виски и кутија цигари. Менструалните производи не се луксузно добро туку основна потреба. Спроведената анализа на трошоци покажува дека во РСМ на годишно ниво потребно е да се издвојат помалку од 1 процент од буџетот за да се обезбедат менструални производи за ученичките од основно и средно образование. Менструалното здравје е прашање од јавен интерес, а менструалната правда е предуслов за социјална правда, вели Трајановска.
Министерот за финансии Фатмир Бесими денеска, поради отсуство не го прими нивното барање, но тоа е уредно архивирано во Министерството за финансии и активистите веруваат дека ќе добијат наскоро одговор, иако ребалансот на буџетот за 2022 година веќе е заокружен.

– Бараме поттикнување на употребата на менструални чашки преку субвенционирање на цената, бараме одвојување на средства од буџетот за создавање на соодветни услови за одржување на менструална хигиена во тоалетите на училиштата и јавните тоалети. На товарот на буџетот на државата бараме бесплатни и достапни менструални производи во основните и средните училипта и во јавните тоалети на територијата на РСМ, децидни се активистите кои денеска протестираа пред МФ.