„Калуш Оркестра“ го продаде трофејот од Евровизија за 900 илјади долари: Ќе набавиме беспилотни летала за украинската војска

3 mins read

Со собраните средства ќе биде купен беспилотниот авионски состав ПД-2, наменет за украинските вооружени сили, кој вклучува три беспилотни летала од украинско производство и земјена контролна станица.

Украинската група „Калуш Оркестра“, победниците на овогодишното натпреварување на Изборот на песна за Евровизија, го продаде освоениот трофеј на аукција за 900.000 долари, а собраните пари, членовите на бендот ги наменија за укрианската војска.

Освоениот кристален микрофон од Евросонг е продаден на аукција која беше организирана на Фејсбук и која ја водеше украинскиот ТВ водител, Серхиј Притула.

Претходно, „Калуш Оркестра“ јавно ја најави продажбата на победничкиот трофеј од Евросонг, а објави и дека ќе организира голема турнеја во повеќе земји се со цел финансиски да ја помогнат својата земја во воената состојба.

„Со собраните средства од продажбата на евровизискиот трофеј ќе се купи беспилотниот авионски систем ПД-2, наменет за украинските вооружени сили, кој вклучува три беспилотни летала од украинско производство и земјена контролна станица“, изјави Притула.

Фото: Твитер

Продажбата се поклопи со настапот на бендот на еден од нивните претходно најавени хуманитарни концерти, кој се оддржа на берлинската Бранденбуршка порта.

Членот на бендот Олех Псиук го искористи концерот да ги повика сите луѓе во светот да „не се навикнуваат на војната во Украина“.

„Мислам дека вестите за војната секогаш би требало да бидат на насловните страници, се додека не настапи мир“, порача Псиук.

Руската инвазија на Украина, која трае веќе четири месеци досега однесе илјадници цивилни животи, а исто така присили и милиони Украинци да победнат од својата земја, а украинските градови ги претвори во рушевини.

Фото: Твитер

Москва своето делување го нарекува „специјална воена операција“, чија цел е да ја разоружа Украина и да ја заштити од фашистите.

Украина и Западот се согласуваат дека тврдењето е неосновано и дека оваа војна е неиспровоциран акт на агресија.

Оркестарот Калуш победи на „Песна на Евровизија 2022“ и ова е трета победа на Украина на ова престижно натпреварување. Но, бидејќи Украина како земја победник е во воена состојба, местото на одржување на Евровизија 2023 е неизвесно, а Шпанија беше првата земја кандидат која доброволно се пријави да биде домаќин на натпреварувањето следната година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски по победата на Украина на Евровизија објави: „Нашата храброст го импресионира светот, а нашата музика ја освојува Европа”.

Фото: ЕПА

„Третпат во својата историја, и верувам дека не е последен. Ќе се потрудиме еден ден да ги примиме учесниците и гостите на Евровизија во украинскиот град Мариупол. Слободен, мирен, реконструиран“, наведе Зеленски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Ново Лисиче доби три нови пешачки патеки

Следно

Ковачевски: Носиме мерки за одржување на економскиот раст и во услови на најголема криза

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian