Судир на титаните во Париз, Реал Мадрид и Ливерпул во битка за европскиот трон

4 mins read

Во финалето на Лигата на шампионите ќе играат екипи „тешки“ 19 европски титули, Реал Мадрид ќе игра за 14 трофеј, а Ливерпул ќе се бори за седмиот. Ова ќе биде трето меѓусебно финале на шпанскиот и англискиот тим во најквалитетното европско натпреварување.

Вечерва (21 часот) ќе биде спуштена завесата на фудбалската сезона во европските натпреварувања со вистински спектакл и судар на титаните, Реал Мадрид и Ливерпул, кои ќе играат во финалето на Лигата на шампионите.

На стадионот „Франција“ вечерва ќе играат екипи „тешки“ 19 европски титули, Ливерпул шест пати го креваше шампионскиот пехар, додека Реал Мадрид е најтрофејна европска екипа со 13 триумфи.

Вечерашниот дуел ќе претставува и реприза од финалето од 2018 година кога Реал Мадрид со 3:1 го совлада Ливерпул и ја освои последната 13 европска титула.

Англискиот тим експресно се опорави од поразот од Реал Мадрид и наредната година го освои шестиот пехар во ЛШ.

Во досегашната историја, Реал Мадрид и Ливерпул играле осум пати меѓу себе во Лигата на шампионите и нејзиниот претходник Куп на европски шампиони (КЕШ). Реал Мадрид има една победа повеќе (4-3 и едно реми), но Париз е таличен град за Ливерпул во меѓусебните пресметки.

Првиот меѓусебен дуел помеѓу Ливерпул и Реал Мадрид се играше во 1981 година на „Паркот на принцевите“ во финалето на КЕШ и англискиот тим славеше со минимални 1:0 и ја освои третата европска титула.

Ливерпул надмоќно обезбеди пласман во финалето, групната фаза во ЛШ ја заврши со максимални шест победи во шест натпревари, а во нокаут-фазата ги елиминира Интер (2:0, 0:1), Бенфика (3:1,3:3) и Виљареал (2:0,3:2).

– Би било фантастично доколку успееме сезоната да ја завршиме со триумф над Реал Мадрид. Не е лесно да се обезбеди пласман во финалето на ЛШ и мора да се обидеме да ја искористиме можноста што ни се укажа. Веќе игравме против Реал во финале на ЛШ и загубивме, но одмаздата не ни е во мислите. Иако сакаме да победиме, не смееме да влеземе во натпреварот со мисли за одмазда за поразот од 2018 година. Финалните натпревари се играат на поинаков начин, треба да бидеме паметни, да ја играме нашата игра – вели стратегот на Ливерпул, Јирген Клоп.

Реал Мадрид во нокаут-фазата имаше далеку потешка задача и во трите рунди не ја имаше фаворитската улога, но, на крајот најде начин да слави и вечерва да игра за 14. трофеј во ЛШ. Реал во осминафиналето го елиминира ПСЖ и тоа откако во првиот натпревар загуби со 0:1, но во реваншот со три гола во второто полувреме дојде до победа од 3:1. Во четвртфиналето играа против сè уште актуелниот европски шампион Челси и го елиминираа благодарение на неверојатниот Карим Бензема. Французинот по хет-трикот во победата од 3:1, во реваншот што се играше во Лондон постигна гол во продолжението и го испрати Реал Мадрид на полуфинална пресметка со Манчестер сити.

Во полуфиналето, Реал се наоѓаше на работ на бездната, до 85. минута од натпреварот имаше негатива од 3:4 од првиот натпревар и 0:1 на „Сантијаго Бернабеу“. Но, од 90 до 95 минута постигна три гола преку Винисиус Жуниор и Бензема и си обезбеди пласман во финалето каде го чека уште една англиска екипа, Ливерпул.

– Нешто чудно се случи, во нокаут-фазата игравме против ПСЖ, Челси и Манчестер сити. Сите честитки за фудбалери кои не се откажаа и се бореа дури и во моментите кога бевме на работ на бездната. Сега не очекува финале против Ливерпул во кое ќе се обидеме да победиме и на најдобар начин да ја крунисаме сезоната – изјави тренерот на Реал, Карло Анчелоти.

 

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Притвор за осомничен за семејно насилство

Следно

Викторија Спенџарска Стин ни направи колачиња со јагоди и банани

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian