Разговор со тимот на „Атриум“: Уметниците што неуморно работат на надградба на својот квалитет заслужуваат простор

6 mins read

За „Сетила 1.0“ водилка ни беше да оствариме соработка со уметници кои врз основа на нивниот стил на изразување и творење, би можеле да се надополнат едни со други, ни велат атриумци.

Неодамна освестени по тапите пандемиски сензации, група луѓе неделното попладне го дочекаа во дворот на Кинотеката на Македонија, на настан под име „Сетила 1.0“. Настанот беше организирам од граѓанското здружение за култура и уметност „Атриум“, кое со интердисциплинарен пристап искористи различни медиуми за да стимулира сетилно будење.

Какво здружение е „Атриум“ и кои се неговите цели?

– Во централниот регистар формално и правно сме заведени како граѓанско здружение за култура и уметност, меѓутоа, понеформално би можеле да споделиме дека сме неколку блиски пријатели, секој со различна заднина и искуство, здружени со заедничка цел, да придонесеме кон одржување и подигнување на културнатанезависна сцена.

Се фокусираме на развој на истражувачки и уметнички проекти, продукција на театарски претстави и културни настани што со себе повлекуваат одредена фузија на повеќе уметнички дисциплини. Имаме за цел да оствариме соработка со многу уметници од разни полиња, да се потрудиме да создадеме простор за нивното творештво, воедно и да се вмрежиме со организации на регионално ниво за заеднички да дејствуваме и создаваме.

Антоние Весковски, фото: приватна архива

Како настана „Атриум“ и што значи неговото име? Колку членови има?

– „Атриум“ настана спонтано и, да речеме, по малку неочекувано, но претпоставуваме дека е тоа последица на нешто што тлеело во нас и, очигледно, му дојде време да излезе на површина. Процесот на обмислување име нè одведе до „Атриум“, поради фактот што во архитектурата тоа подразбира отворен простор во внатрешноста на одреден објект, што ги здружува сите корисници. Така и нам, Атриум симболички ни претставува простор во кој разни уметнички дејци и културни работници би се сплотиле и заемно би твореле. Засега во активното членство сме ние четворица, Ива Рајчевска, Дино Чупевски, Веда Ивановска и Деспина Ралевска. Секако, отворени сме за проширување на тимот, во зависност со од проектните потреби и активности.

Членови на „Атриум“, Фото: приватна архива

Зошто дебитантскиот настан ви беше на тема „Сетила“? Што сакавте да демонстрирате со тоа?

– Додека го конципиравме „Сетила“, појдовме од тоа дека во изминативе години се соочивме со недостиг на можности за целосно сетилно впивање на надворешните дразби, бевме изолирани и по малку отуѓени едни од други, на колективно ниво. На тој начин, заклучивме дека секое сетило може да биде претставено од одреден уметник, со цел секој од уметниците да даде свој авторски израз, а да тоа биде во симбиоза со останатите дела и изведби.

Како ја направивте селекцијата на уметниците што ги канализираа сетилата?

– Свесни сме дека го делиме нашево поднебје со мноштво уметници, кои заслужуваат да го изразат своето и, пред сè, активно и неуморно работат на надоградба на својот квалитет. Можеме да кажеме дека за „Сетила 1.0“ водилка ни беше да оствариме соработка со уметници кои врз основа на нивниот стил на изразување и творење, би можеле да се надополнат едни со други. Се одлучивме да соработуваме со актерката Нина Елзесер, перкусионистот Антоние Весковски и танцовиот изведувач Бобан Русески, на кои сме неизмерно благодарни за вложениот труд и соработка. За жал, од оправдани причини, Нина не беше во можност да го изведе своето авторско драмско дело пред публиката во Кинотека, но ќе изнајдеме начин нејзиното дело да биде споделено со луѓето кои нè следат. Ни претставуваше чест што на „Сетила 1.0“ учествуваа и ликовниот уметник Дејан Давчевски со изложување на своите уметнички дела, Дарко Трајковски кој стои зад брендот „Belleza brewing“ и произведува разнолики видови пива, како и Јован Вуковиќ кој се погрижи за музичката селекција на настанот.

Бобан Русески, Дејан Давчевски(Слики), фото: приватна архива

Какви очекувања имате од себе и што е следно за вас?

– Очекувања и идеи има безброј, наше е да се обидеме да реализираме што е можно повеќе. Веќе во тек ни е видео поткаст проектот „Шум“, што го остваруваме во соработка со локалниот медиум и продукциска куќа „Види вака“, а воедно и отпочнавме со подготовка на театарски истражувачки проект за чии цели е активен колектив од 10 драмски уметници. Веруваме дека наскоро ќе можеме да реализираме и втор настан по теркот на „Сетила 1.0“, а можна е и реализација на поголем истражувачки уметнички проект во соработка со две сродни организации од Србија и од Хрватска.

Јован Вуковиќ, фото: приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Официјално: Крај на ерата на Абрамович, Челси има нов сопственик

Следно

Приведено лице од Грчец за издржување на затворска казна

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian