АНАЛИЗА | САД ја ставаат во погон булдожер-дипломатијата

5 mins read

Администрацијата на Бајден, по урнекот на демократите од времето на претседателот Бил Клинтон во 90-тите, ја активираат повторно т.н. „булдожер дипломатија“ на Балканот.

Најавата дека САД ќе именуваат нов амбасадор во Македонија е само еден чекор од низата кои Вашингтон ги превзеде на Балканот со цел да се изврши позасилен притисок во решавањето на билатералните проблеми меѓу земјите од регионот, за кои подолго време немаше никаков напредок.

Во расчекор од само неколку месеци, искусни американски дипломати налик на идната американска амбасадорка во земјава Анџела Прајс Агелер ги завзедоа амбасадорските позиции во повеќе балкански престолнини меѓу кои и во Белград, Приштина и Сараево.

На што ќе се фокусира новиот американски тим

Во Србија Џо Бајден неодамна го именуваше Кристофер Хил, искусниот дипломат и член на американска екипа т.н. „булдожер дипломатија“ кој одлично ги познава состојбите на Балканот. Во Босна и Херцеговина САД го назначија Мајк Марфи, ветеран на Стејт департментот со 30-годишно искуство во меѓународната политика.

За во соседно Косово на амбасадорската позиција во Приштина е Џефри Ховениер кој е специјалист за Балканот, а таму пристигна од Турција. За него наголемо се пишува дека треба да ја спроведе задачата која ја добил од америкаснкиот претседател Бајден а таа е да следи дали Александар Вучиќ на Косово го спроведува тоа што тој неколку години им го ветува на американските дипломати. Во исто време со овие процеси, најважната придобивка за балканските земји ќе биде членството во ЕУ.

Аналитичарите велат дека целите на САД за Балканот се однапред познати

Според одредени аналитичари што ја проучуваат и следат американската политика во регионот, целите на американската дипломатија за затворање на балканските прашања се однапред познати. Имено, според нив, целите на САД се дека „Србија треба реши проблемот Косово, да се гарантира функционирањето на дејтонизираната Босна, да се затвори спорот меѓу Бугарија и Македонија, да се истисне руското влијание и да се запрат идните кинески инвестиции во државите.

Универзитетскиот професор Марјан Ѓуровски, во свое излагање за темата како администрацијата на Бајден ќе дејствува на Балканот, вели дека притисок врз Бугарија може да се очекува.

Марјан Ѓуровски/Фото: Слободен печат

Тој истакнува дека американскиот претседател Бајден е заинтересиран за побрз развој на земјите од Западен Балкан и нивно приклучување кон Западна Европа, па затоа може да се очекува притисок од Вашингтон за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје.

– За доаѓањето на американската дипломатија со „булдожери“ на овој дел од регионот укажува на тоа дека Западен Балкан е еден од главните приоритети на претеседателот Бајден во надворешната политика на САД – оценува Ѓуровски.

Поранешниот дипломат Драган Јањатов потсетува дека практиката во меѓународната политика покажува дека САД под водство на демократски претседател се склони кон користење на т.н. американска булдожер-дипломатија во служба на остварување на нивните национални интереси.

ФОТО Архива : Дипломат и публицист Драган Јањатов

– Може да кажеме дека тоа што го прави Вашингтон во моментов е знак дека се укажува внимание на овој регион и дека Америка сака да направи се да се затворат отворените прашања, но дали знае како е друго прашање. Европа е ставена во амбис, поради тој факт америкснака помош за европската дипломатија е неопходна а формирањето на ваков тим на дипломати во регионот говори дека Западот ги следи глобалните случувања и сака да ги затвори сите „отворени безбедносни пори“ побрзо – вели Јањатов.

Ќе нагази ли американската булдожер-дипломатија

Универзитетскиот професор Михал Вит од Чешка во својот осврт на случувањата за „Слободен печат“ вели дека во моментов е очигледно дека администрацијата на Џо Бајден, по моделот од времето на владеењето на претседателот Бил Клинтон, сега ја активира таканаречената булдожер-дипломатија на Балканот.

Проф. Михаил Вит

– Администрација на Бајден, судејќи според последните потези, како да сака да го реши конечно сето она на Балканот што остана проблематично. Тука пред сѐ мислам на македонскиот спор со Бугарија и состојбите во Босна и Косово. Токму затоа САД на Балканот испраќа искусни дипломати што беа дел од тимот на веќе легендарниот дипломатски булдожер Холбрук. Во тој контекст Македонија може да очекува позитивни вести во разврската од картите во ракавот што ги кријат американските дипломати – вели професорот.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Турбулентниот живот на Реј Лиота, обележан со големи трагедии: Фала богу што бев посвоен…

Следно

Дебакл на фаворитките на Ролан Гарос, само една тенисерка од топ 10 остана да се бори за трофејот

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian