МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер имаа победнички старт во плеј-офот

2 mins read

Пелистер одигра силно прво полувреме, имаше „плус 25“ против Еуро Никел 2005, доволно за прв триумф во полуфиналната плеј-оф серија „подобар од три“ (94:83) во рамките од Првата лига.

По три минути игра во втората четвртина веќе беше 35:16 за Пелистер. Од минута во минута битолската екипа ја зголемуваше позитивата која стана и двојно поголема. Пелистер имаше 45:20 во средината на втората четвртина, а на пауза се замина со водство од 52:27.

Кавадарчани беа подобри во вториот дел, на нецели четири минути пред крајот беа во едноцифрено заостанување од девет поени (76:85). Но, Младеновиќ, со тројка, стави крај на празните минути на Пелистер, за 88:76. Еуро Никел 2005 повторно се закани, намали на 90:82, но гостите останаа без време за пресврт.

Кај стрелците во Пелистер со 27 поени (шест асистенции) се истакна Малешевиќ, а за Еуро Никел 24 поени беа дело на Ѓекиќ. Веќе во недела, но во салата „Јасмин“ во Кавадарци, ќе се игра вториот меч од оваа серија.

Исто така првиот чекор ново финале го направи и МЗТ Скопје кој дома со 77:52 го совлада ТФТ. Милошевиќ беше најефикасен во МЗТ со 13 поени, без ниту едно промашување од поле и со осум скока, а на спротивната страна 13 поени реализираше Хортон, плус седум скока.

Првата шанса за пласман во финалето клубот од Аеродром ќе ја има в недела, кога му гостува на ТФТ (20.30 часот) во салата во СРЦ „Кале“, додека евентуалната „мајсторка“ би се играла во вторник повторно на домашен терен во „Јане Сандански“.

Прва лига, плеј-оф

Пелистер – Еуро Никел 94:83 (1:0)
МЗТ Скопје Аеродром – ТФТ 77:52 (1:0)

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Проф. Спасеновски и отец Доситеј од Бигорски се сретнаа со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Грција

Следно

Меган Маркл им оддаде почит на жртвите во Тексас: Допатува како мајка

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian