Трајковски: Не се откажувам, ќе се самокандидирам за лидерската позиција на партискиот Конгрес

4 mins read

Не се предавам и не се откажувам од кандидирање за лидерската позиција во НСДП, реагира организацискиот секретар Кристијан Трајковски откако во јавноста се појави информација дека тој се повлекол и му честитал на Горан Мисовски како единствен кандидат кој ќе седне на местото на Тито Петковски.

– Секое кандидирање и евентуално повлекување на кандидатура е лично право на кандидатот. Информирањето на јавноста во мое име, од страна на други членови на НСДП го сметам за манипулативно, неетичко и крајно дискредитирачко и дезинформирачко. Од таа причина ги информирам медиумите и јавноста дека ваквата постапка ме поттикнува уште посилно да продолжам во мојата борба за слободна и демократска НСДП. На 4 јуни, на Петтиот Конгрес на партијата, согласно Статутот на партијата, ќе се самокандидирам за иден претседател на НСДП. Нема да дозволам да ја изневерам довербата на членовите на НСДП, како и нивната искрена желба за демократски промени во партијата и воедно ги повикувам сите делегати и членови на 4 јуни да постапат согласно сопствеото убедување, волја и морал и да имаме вистински демократски конгрес кој на крајот ќе не обедини во водењето на партијата, вели Трајковски за Слободен печат“.

Како што информираше денеска Макфакс, Извршниот одбор на НСДП на вчерашната седница го избрал работното претседателство на петтиот конгрес на НСДП, кој ќе се одржи на 4 јуни во Скопје, а со кој ќе претседава Соња Мираковска во следниот состав: Мики Милковски, Јулијана Цековска, Стојанче Манев, Зоран Маневски, Марија Тодоровска, Драги Крстев, Тамара Баара и Тони Ефремовски.

Од партијата соопштија дека на крајот од седницата организацискиот секретар на НСДП, Кристијан Трајковски, како потенцијален кандидат за претседател ја повлекол својата кандидатура и му честита на Горан Мисовски, единствениот кандидат за претседател на НСДП утврден од страна на Централниот одбор на партијата. Трајковски упати порака НСДП да остане единствена, обединета и да биде модерна партија, која ќе има значајна улога на македонската политичка сцена и партија со ново раководство, кое ќе продолжи да ги следи вредностите на основачот и прв лидер Тито Петковски, пренесе Макфакс.

Во НСДП веќе извесно време се води отворена и јавна битка меѓу Трајковски и Мисовски за лидерската позиција во НСДП. Трајковски, како што информираше, ја поднел својата кандидатура согласно партискиот Статут, а поднел и програма за работа. Спротивно на него, Мисовски се уште не поднел ниту кандидатура, ниту програма. Се уште актуелниот лидер на партијата Тито Петковски денеска во Утрински брифинг рече дека создал простор за натпревар меѓу членовите, но Горан Мисовски сака да биде единствен кандидат за претседател на НСДП, да влезе во рингот без противници.

Јас од самиот почеток на отворањето на постапката на редовен Конгрес решив партијата да биде транпарентна, што би ја красело една демократска партија. На самиот старт со отворањето на постапката за избор на нови раководства, групата од десет членови на чело со Горан Мисовски и Соња Мираковска и сите останати функционери што се на листа на НСДП на сите државни функции, зазедоа став дека на партијата не и требаат повеќе кандидати, што е спротивно на програмата на партијата, изјави Петковски.

Според него, пресвртот во партијата се должи на заддржување на функциите и привилегиите.

-Тука не станува збор за внатрепартиска демократија и натпревар со програми. Од самиот старт оваа група зазема став дека не треба да има повеќе кандидати и дека Горан Мисовски треба да биде единствен, вели Петковски.

Петковски изрази жалење што младите сили на партијата нема да добијат шанса да ја претстават својата програма и ставови. Според него, Мисовски дури и одбил дуел со противкандидатот Кристијан Трајковски, што сега веќе не е можно.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Елен Деџенерис се збогува со своите обожаватели: Завршува шоуто

Следно

Неговата ќерка добила награда, па потоа на радио слушал за пукањето во училиштето – кога отишол таму веќе било доцна (ВИДЕО)

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian