ИНТЕРВЈУ Суад Мисини: По 45 дена без храна имам одлични лабораториски резултати, тело без мускули и освестен Пат на кој нема лимити

23 mins read

Човекот е дефинитивно роб на прехранбените навики и опсесивно зависен од задоволствата кои си ги овозможува со секаква храна која всушност го уништува. Од глад се умира, бездруго, освен во исклучителни состојби, кои не се цел за најголемиот дел од човештвото, вели скопјанецот Мисини, кој неодамна го заврши 45-дневниот пост без храна на кој успешно ги тестирал своите дух, ум и тело

Потребата за храна треба да исчезне најпрво на психичко ниво, порачува скопјанецот Суад Мисини, кој неодамна го заврши својот 45-дневен пост, период во кој не внесуваше храна, што за мнозинството луѓе звучи невозможно, па и застрашувачки, но за него е предизвик на повеќе нивоа. Нашиот необичен сограѓанин несебично ги споделуваше спознанијата за своите физички и духовни трансформации пред своите пријатели на Фејсбук, а сега и пред пошироката јавност.

Како тргнавте на ова интимно, физичко и духовно патешествие за строг течен пост и нејадење храна и делумно непиење вода, со кои мотивации и со какви очекувања? Колку време постевте и што консумирaвте за време на постот?

Овој пост е продолжение на моето неколкугодишно практикување на ваков процес, а овој пат, за разлика од порано, покрај телесното прочистување и духовното дисциплинирање, дополнителна инспирација ми беше откривањето на некои процеси за кои читав и истражував во минатото, но кои досега немав прилика да ги испробам на себеси. Се работи за истражување на (не)реверзибилноста на некои физиолошки состојби и особено активирање на матичните клетки и нивно ставање во регенеративен начин на функционирање. Секако, и должината на постот беше нов предизвик – 45 дена без храна е цел достигната за прв пат. Минатата година тоа траеше 21 ден и мислев дека тоа е лимитот. Но, нема лимит.

За време на целиот процес консумирав вода, зелен чај и посебни пијалоци на база на кефир кои самиот ги развивав во еден подолг временски период и овој процес беше совршена можност да ја испитам и согледам нивната ефективност, особено од аспект на заштитата на срцевиот мускул и мозочните клетки.

Како ја следевте и ја следите вашата здравствена состојба во периодот додека не внесувавте храна, какви се резултатите од тестовите? Каква е вашата физичка состојба моментно? Дали следите конкретно какви сè физички промени ви се случиле, во каква состојба ви се органите, крвта? Велат дека по престанокот на консумација на храна се случуваат големи телесни промени, органите за варење се смалуваат, белите крвни зрнца се намалуваат затоа што нема токсини како кога се внесува храна итн.

Чувството е неверојатно, но тоа повеќе се генерира од една психичка егзалтација отколку од чисто физичко доживување. Постои одредена физичка слабост, но таа е далеку од нефункционалност. Слабоста е нормална, бидејќи телото се адаптира на состојбата на, не само загубените резерви, туку и на фактот дека се загубени околу три четвртини од мускулната маса. Секако, тоа се очекуваше и е дел од дизајнот, подготовките за еден ваков процес и претставува свесна одлука, со потполна свест за евентуалните последици или, како што тоа го нарекувам – ефекти. Немам начин одблиску да ја следам состојбата на органите, бидејќи немам соработка со ниедна соодветна институција, а ни формално – нема термини за никакви прегледи, дури ни за баналност како ехо на абдомен. Мислев дека ќе можам да обезбедам некакви споредливи податоци од официјални извори кои би можеле некому да користат, покрај лабораториските наоди, кои за мене се сосема доволни. Но лично, немам ни потреба, бидејќи до одредена мерка можам да ја согледам состојбата со органите, се разбира – со должна резерва. Лабораториските наоди се спектакуларни и сосема неочекувани, бидејќи ниеден параметар не излегува надвор од референтните вредности по 45-те дена без храна. Што се однесува до белите крвни зрнца, нивното разградување како резултат на долготраен пост беше една од носечките набљудувачки мисии токму заради покренувањето на матичните клетки. Но, поради претходно опишаните причини, мониторингот на тој процес одблиску е мошне лимитиран, а ефектите можат да се согледаат само индиректно.

Велите дека повеќе не чувствувате потреба за храна, односно чувствувате само носталгија за храна, што е знак за достигнато „ниво погоре“ и дека вашиот пост бил мотивиран првенствено за духовна, а не за физичка преобразба. Може ли да ни ја извлечете суштината на вашиот пат кон просветлувањето, каде беа најголемите стравови, кој беше најголемиот непријател за совладување, а од каде стигнаа пријателите и „помошта“? Како да се раслои егото?

Потребата за храна треба да исчезне најпрво на психичко ниво. Современиот човек е нераскинливо поврзан со храната и особено од стравот од недостаток од истата. Носталгијата за храна е меморијата на еден гурман кој физиолошки сосема ги освестил моментот на потребата и дистинкцијата меѓу она што е реално физиолошки потребно и сето она што останува – задоволување на чувството за вкус, хормоналната зависност од внесот на шеќери, гурманлак, стрв. Физичката преобразба е клучна, бидејќи таа е тесно врзана со духовната. Но, за последново во принцип не зборувам премногу, бидејќи некои состојби и сознанија не можат да бидат предмет на необврзувачки муабет. Дотолку повеќе, за просветлувањето не можам да кажам ништо, бидејќи тоа е состојба која секој може различно да ја опише и да биде различно сфатена од различни слушатели. Но, она што со сигурност го знам е дека таа состојба се забележува и без премногу објаснување. Сепак, јас и не знам сè за тие состојби, веројатно сум сè уште далеку од некакви конечни состојби, ако и воопшто има конечност во таа сфера. Мислам дека Патот е перманентен, без оглед на повремените дестинации. Привремени се и стадиумите и секогаш постои можност – или ризик? – да се остане во одреден стадиум, бидејќи таквите состојби носат огромни предизвици егото да се нахрани со чудни, неочекувани ингредиенти. Затоа, суштината на Патот е постојаното реоткривање на новиот себеси, а секој нареден стадиум е огромен потенцијал за продолжување понатаму. Реалниот живот е мошне предизвикувачки и константен ризик за опстојување на тој Пат, но можеби дотолку повеќе вреден…

На тој Пат пријатели има малку ако и ги има воопшто, а помошта всушност лежи во сопственото верување, убедувања, перцепциите за нештата, околината и внатрешната тишина. Целата околина, вклучувајќи ги и најблиските се најчесто ограничувачки фактор. Затоа, целта е потешко дофатлива. Но, затоа и повредна – ако се повлечете во некоја планина, пештера или манастир, можеби ќе ви биде полесно, но во урбаната џунгла, успехот е дотолку поголем. Ама и понеизвесен. Не знам дали може егото да се раслои, но точно знам дека може да се растопи. А тоа е клучниот момент на очовечување. Паралелниот ризик од очовечување кој денешниот човек вообичаено не сака да го преземе е фактот дека во ова општество, очовечениот е исклучително ранлив. Сепак, на Патот, тоа е дополнителен предизвик и мотив.

Кои митови за биологијата и здравјето ги соборивте со долготрајното нејадење? Има тврдења дека веќе неколку децении се знае дека човекот само 5 отсто од животната енергија ја добива од храната, 30 отсто од водата, а 60 отсто од сонцето и воздухот, но тие сознанија не добиваат масовна промоција, како и дека нашите клетки се хранат со биофотони, а не од молекулите на храната, па соодветно, само живата храна, свежото овошје и зеленчук се вистинската храна за човекот,  а сè останато е практично отров. Тоа, пак води и кон прашањата дали сме всушност робови на навиките, на вкусовите и задоволствата кои нè воведуваат во болести и дали сме толку неповратно програмирани да мислиме дека од празен стомак се умира?

Човекот е дефинитивно роб на прехранбените навики и опсесивно зависен од задоволствата кои си ги овозможува со секаква храна која всушност го уништува. Од глад се умира, бездруго, освен во исклучителни состојби, кои не се цел за најголемиот дел од човештвото. Физиолошката зависност, неразбирањето за девастирачкото делување на шеќерите кои ги има во 99 отсто од продуктите изложени на полиците во маркетите – зачудувачки, дури и во кефирот – и суптилната игра на хормоните кои притоа се лачат, се првиот чекор кој треба да се надмине, а кој 99 отсто од луѓето не се подготвени да го преземат. Затоа фармацевтската и прехрамбената индустрија ги тријат рацете бидејќи имаат неограничен дотур на клиенти/пациенти. Понатаму, митот дека на телото му требаат јаглехидрати кои неограничено треба да ги конзумираме требаше одамна да исчезне, бидејќи токму научните сознанија потврдуваат не само дека телото има сопствени физиолошки механизми за производство на јаглехидрати колку што му требааат, туку и дека не е вистина оти јаглехидратите се преференцијалната енергетска храна за мозокот. Тоа едноствно не е точно. Денес ретко ќе најдете некој да ви објасни како всушност настануваат камења во жолчното ќесе, но би се фрапирале да дознаете колку интервенции за отстранување на тоа ќесе има – дневно! Особено сум среќен што постојат луѓе – во Скопје! – коишто денес знаат дека дијабетот тип 2, но и инсулинската резистенција се реверзибилни, иако официјалните медицински институции го тврдат спротивното. И да не набројувам… Само ми е жал од целото измачување со кое се соочуваат огромен број луѓе – а во овие 11 години се изнагледав и повеќе од доволно во болниците. А може поинаку. Но, ретко кој сака да си помогне. И ретко кој во медицинските институции е заинтересиран за надградба и излегување од догматските рамки на недоистражената наука. Оттаму, прилично е неблагодарно да се зборува за биофотони и слични гранични концепти…

Споменувате дека користите напитоци од кефир, како стигнавте дотаму да развивате свој начин на подготовка на кефирот?

Со многу проучување и бескрајни проби. Најнапред, не се работи за класичната форма на кефир, иако е прекрасно луѓето да го консумираат и како таков. Бездруго се работи за најкорисниот пијалок за човекот што може да се замисли. Но, беше важно да се изнедри еден комплетно природен продукт, за разлика од оној од маркетите, кој истовремено ќе овозможи квалитетен електролитски внес, најсовршена форма на пробиотик без никаков индустриски допир и елементарна заштита на клучните органи, особено при долготраен пост, пијалок кој е навистина магичен. Тој внес е клучен бидејќи овозможува сериозен напредок во сите стадиуми и состојби, без оглед дали се работи за долготраен пост, здрава реконвалесценција или соочување со најтешките болести. Да не зборувам за постапки за намалување на тежината, која денес е пандемично присутна насекаде. Среќен сум што можев сите аспекти да ги набљудувам најнапред кај себе. Во моето семејство долги години правевме свој кефир, а по одредена пауза, продолжив со спомнатите специфични форми. Кога во рок од 5-6 години ќе загубите 50-60 килограми на здрав начин и притоа телото не го лишите од суштинските потреби, знаете дека сте на вистинскиот пат.

Суад Мисини, Фото: Приватна архива

Не е лесно за поднесување спознанието дека човештвото заталка во плиток, лажен и консумеристички свет и дека човекот, одвоен од својата суштина, непоштедно, а залудно, бара утеха во материјалното. Има ли начин да се најде, па да се одржи очајнички потребната рамнотежа меѓу материјалното и духовното? Како да се наштелуваме?

Тоа е цела, посебна приказна за себе. Можеме да се наштелуваме, но не сакаме. Комодитетот и задоволството од консумеризмот се дефинитивни победници. Сепак, имам впечаток дека сè повеќе луѓе ќе се одважат да тргнат по друга патека. Свеста за поздрав, а со тоа поквалитетен живот се шири, но тоа што недостасува кај луѓето е свеста за сопствената божествена природа и одговорноста која произлегува од тоа, како и дисциплината и посветеноста кои се неопходни за една телесна и духовна преобразба. А сè би било полесно доколку од мали нозе ги подигаме децата со развој на нивните фундаментални вештини и знаења кои ќе им овозможат квалитетен и продуктивен живот.

Бретаријанците, кои тврдат дека ниту јадат, ниту пијат вода, велат дека е можно да се живее од воздух, од сончева светлина, од прана, итн, односно дека сè што им е потребно на клетките, тие самите го создаваат. Пречка да се стигне дотаму е умот. За да се стигне  таму треба свест. Каков е вашиот став за бретаријанството, односно мислите ли дека е можен животот на маса поединци без да внесуваат храна и вода?

Да, верувам дека таквиот живот е можен. Но на лично, спознајно ниво, јас сè уште не знам многу за тоа. За жал, иако првичниот план за постење од 30 дена го продолжив за уште 10 дена, а потоа уште 5, како резултат на новите сознанија и внатрешни енергетски и други импулси, признавам дека немав храброст на крајот на овој процес да се обидам да преминам на таа страна. Тоа не ни беше иницијалниот дизајн на овој процес, но истиот постојано се менуваше бидејќи постојано имаше нови, па и неочекувани моменти кои водеа кон постојано менување на првичниот план. Синтезата на клучните аминокиселини преку сонцето и слични процеси не се непознати на планетава, но јас сè уште не знам многу за тоа. Во секој случај, со нетрпение ги очекувам внатрешните сигнали кои ќе ме водат понатаму, па можеби и во таа насока…

На Никола Тесла му се припишува мисла дека развојот на животот во иднина мора да донесе суштества кои ќе опстојуваат без храна, кои нема да бидат оковани од ограничувањата што ги наметнува исхраната заради компликуваните процеси на нејзиното искористување. Дали е логично токму таму да нè одведе еволуцијата? Дали на некој начин, тоа е бесмртност?

Еволуцијата нема автоматски ниту праволиниски да го носи човештвото во тој правец, туку свесните напори и сознанијата до кои мора посветено и научно непристрасно да се дојде. Иако науката досега осветлила многу аспекти на таквите визии, она што го нарекувам непријателско академско опкружување уште долго ќе го успорува патот кон дестинацијата за која зборува светецот на модерната наука, Тесла. Мислам дека во оваа форма човекот не може да стане бесмртен, но може – без оглед колку живее – да живее квалитетен живот без целиот хорор на кој е изложен денешниот човек, како резултат на своите неодговорни и апсурдни навики и стил на живеење. Конечно, без намера за некакво мистифицирање, убеден сум дека и животот и смртта се дел од еден комплементарен процес, односно интегрален дел на вибрантната вечност. Од таа диоптрија и стравот од смртта е – мит. Напротив, живот во болест, физичка и медикаментозна зависност и сето она што го гледаме околу нас е вистинскиот хорор.

Од друга страна, некои езотериски учења велат дека на некој начин „веќе сме биле таму“, односно Првиот Човек бил совршен, свесен, поврзан со сè, со изворот, ама пропаѓањето, деволуцијата, била неминовна за учество во големата игра во овој тродимензионален свет, при што прв чекор во деволуцијата е вдишувањето воздух, втор e пиењето вода, трет чекор е јадењето храна…

Не можам да кажам дека имам спиритуални сознанија за тоа. Знам за такви учења, но немам лични искуства во таа насока… за жал. Библиските итн. учења за првиот човек и неговата географска одредница, да се изразам колоквијално, и неговото консекутивно протерување од таму е содржина за која чувствувам дека содржи огромни сознанија кои не ни се достапни. Барем мене не ми се познати. Но, таквото чувство одамна ми кажува дека таа содржина е длабоко мисинтерпретирана и пречесто прифатена во својата буквална смисла. Интензивно чувствувам дека допрва човештвото треба да ја открие суштината на тој наратив, дека таму има фундаментална порака за човештвото, која оди далеку вон симболичкото значење на тој наратив.

Сепак, во она што вие го нарекувате деволуција, можеби лежи инспирација за да се тргне во спротивен правец… Тој пат е трнлив, има многу предизвици, мисконцепции, неразбирање на многу концепти и маспопуларни процеси, како автофагијата на пример… но, дотолку повеќе е примамлив!

Иако не го препорачувам процесот низ кој јас поминав, особено без соодветна подготовка и надзор, јас уште претходно го избрав патот и сведочам за неговата целисходност. Така, тој прерасна во начин на живот. По 14 месеци без внес на апсолутно никакви јаглеродни хидрати, освен оние генерички присутни во зеленчукот, дури ни каква било форма на фруктоза, можам да сведочам дека новата физиологија е сосема различен свет, вреден да биде откриен.

Една актуелна учителка, пустињакињата Анастасија вели дека човекот треба да јаде онака како што дише. Несвесно. Дека тоа му е дадено, но тој тоа го заборавил и затоа денес е таков каков што е – изгубен. Да јадеш несвесно значи дека нема оброци, нема нивно планирање, нивно приготвување и трошење на мисли и енергија на сето тоа, па неретко и фрустрации, туку онака како што човекот оди низ денот и ги извршува секојдневните активности, подјаднува од сè што ќе му се најде на патот, без воопшто да размислува и планира, туку спонтано, да набере плодови и тревки што природата ќе му ги поттури. Но, за да стигнеме таму, треба да ѝ се вратиме на природата. Како да посакаме?

Фиксацијата со храната, динамиката на оброци и постојаната желба за задоволување на хормонските ефекти од ексесивниот внес на јаглеродни хидрати, алкохол и слично се за повеќето луѓе ненадминливи пречки. Затоа што се на ниво на зависност. Затоа е битно и за младите и оние кои се сè уште релативно здрави, да ги посетуваат болните, оперираните, домовите за стари и погребите. Да ја видат сопстената иднина, да се убедат дека никој нема да биде поштеден, и тоа на сè помала возраст и да донесат одлука дека поинаков живот е – можен. А животот е бескрајно убав, без оглед колку трае, за да не се помине креативно, продуктивно, на сопствени нозе и со максимални когнитивни капацитети. Таа одлука е тешка, уште потешко е нејзиното спроведување, но во животот нема ништо поблагородно и подоблесно од тоа.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Разговор со психологот Иван Христов: Зошто е важно да има сексуално образование во училиштата и да се зборува за менструацијата

Следно

Рош разви тестови за откривање на мајмунски сипаници

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian