Хрватски средношколци со маици со усташки симболи се шетаат низ улиците на Славонски Брод

2 mins read

Фотографиите на социјалните мрежи од хрватски средношколци од Индустриско-занаетчиското училиште во Славонски Брод кои носат маици со усташки симболи ја вознемири српската јавност. Ваквите фотографии биле објавени од страна на професорката на учениците, која како и многумина од родителите на децата, не гледа ништо спорно во нив, пишуваат српските медиуми.

Директорот на училиштето, како и хрватскиот министер за образование остро го осудија ваквиот настан.

Средношколците облечени во униформи со маици од усташки симболи и беретки на главите, биле сликани како маршираат низ улиците. Како што пишуваат српските медиуми, средношколците на фотографиите ги кренале во воздух нивните десни раце, што претставува фашистички симбол.

Професорката Нивес Ромањек, која фотографијата ја поставила на својот приватен Фејсбук профил, за кратко време стана најбараната личност во Хрватска. Веста најпрво се прошири меѓу локалните медиуми, а потоа ја пренесоа и најголемите хрватски медиуми.

„Можам само да кажам дека тие што сакаат да видат нешто лошо, тоа го наоѓаат, а ние навистина немавме лоши мисли. Панталоните се како за на лов, а децата сами ги направија маиците. Тие се навистина добри деца. Од 19, пет се одлични, 10 се многу добри, а четворица се многу успешни. И јас сум среќна што на ниту еден од нив не им се случи ништо лошо и што сите се вратија дома живи и здрави. Навистина сум изненадена што некој гледа нешто лошо во ова“, изјави професорката за регионалните медиуми.

И покрај впечатокот што го испраќа комплетната униформа на средношколците и нејзината симболика, професорката не помислила дека тоа е поттикнување на фашизмот или нацизмот.

„Децата и родителите се разочарани што вака се нападнати. Ја објавив сликата на приватен профил на Фејсбук, а претходно добив дозвола од родителите, иако порталите ја немаат. Велат дека е контроверзна маицата, но јас не гледам ништо спорно затоа што има струг, тие се вртежи, CNC оператори и не гледам што е спорно тука“, заклучи професорката Романјек и додаде дека за утре наутро сите заедно, децата, родителите и таа, имаат состанок со директорот на училиштето Лука Младиновиќ.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Малолетник избегал од социјално-воспитна установа

Следно

Тотенхем ја заврши најважната работа, го убеди Хари Кејн да остане

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian