Шоуто на Елен Деџенерис кое ги забавуваше Американците, кршеше стереотипи и беше домаќин на најголемите ѕвезди, завршува во сенка на обвинувања по речиси две децении, 19 сезони и повеќе од 3.000 епизоди.
Најголемите холивудски ѕвезди често гостуваа во нејзиното ток-шоу, кое се здоби со популарност и во поконзервативните делови на Америка. Нејзина прва гостинка беше актерката Џенифер Анистон, која исто така ќе се појави и во последната епизода.
По нејзиниот успех како комичарка во 1980-тите, Деџенерис се прослави со серијата „Ellen“ која траеше од 1994 до 1998 година. Во 1997 година таа стана првиот главен лик на ТВ серија што призна дека е геј, а популарното ток-шоу почна да го води во 2003 година.
„Таа го отвори патот. Таа веројатно беше, а можеби и сè уште е, најпознатата ЛБГТИ личност во Америка“, изјави за Мери Марфи, вонреден професор по новинарство на Универзитетот во Јужна Калифорнија.
Елен Деџенерис го водеше ток-шоуто 19 години
„Кога го започнавме шоуто во 2003 година, не постоеја социјални мрежи. Истополовите бракови не беа легални“, изјави Деџенерис минатиот месец по снимањето на последната епизода од шоуто, која ќе се емитува денес на 26 мај. „Гледавме како се менува светот – понекогаш на подобро, понекогаш не“, додаде таа.
Водителката и комичарка објасни дека ток-шоуто се откажува бидејќи повеќе не ѝ е предизвик, но многумина веруваат дека вистинската причина се обвинувањата за „токсична работна атмосфера“ на снимањето, вклучувајќи сексуално вознемирување, малтретирање и расизам.
Во јули, главните продуценти на шоуто изјавија дека средината во која се снима шоуто е „лоша“. Елен Деџенерис не беше директно обвинета, но беше прекорена што дозволила да се создаде таква средина во нејзиниот тим.