Чеферин за договорот на Мбапе: Реал не може да ѝ каже на УЕФА што да прави

2 mins read

Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, остро одговори на повиците од „Ла Лига“ и Реал Мадрид за санкционирање на ПСЖ по новиот договор на Килијан Мбапе. Критиките на Шпанија се дека францускиот клуб веќе ги крши правилата на финансискиот фер-плеј.

„Би-Би-Си“ потсетува дека Мбапе неодамна потпиша нов договор со ПСЖ, иако преговараше со Реал Мадрид. Според француските медиуми, новиот договор е вреден околу 600 милиони евра, а шпанската фудбалска Ла Лига понудата на францускиот клуб ја нарече скандалозна.

– Ниту Реал Мадрид, ниту кој било друг клуб не може да ѝ каже на УЕФА што да прави. Тие се револтирани од нешто, но колку што знам нивната понуда беше слична на онаа на ПСЖ. УЕФА има прилично строги правила за финансиски фер-плеј. Секој кој ги почитува нашите правила е добредојден да игра во нашите натпреварувања. Кој не сака да ги почитува правилата, нема ни да игра – изјави Чеферин за „Би-Би-Си“.

Првиот човек на европскиот фудбал истакнува дека е уморен од поплаки дека дозволува клубовите да бидат управувани од државата. Претседателот на шпанската Ла Лига, Хавиер Тебас, понудата на ПСЖ за договор со Мбапе ја опиша како „навреда за фудбалот“.

Чеферин повтори дека клубовите ќе бидат казнети доколку ги прекршат правилата.

– Ако кажете дека клубовите им припаѓаат на навивачите, што е со англиските клубови – тие имаат сопственици од САД, некои од Блискиот исток, имаат сопственици од Англија. Значи, ситуацијата е потполно иста и јас сум навистина уморен од овие обвинувања без никаква конкретна основа. Ако ги прекршиш правилата, ќе бидеш казнет – рече Чеферин.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Стефковски: Започна акцијата “За поубава Гази Баба”

Следно

Разговор со психологот Иван Христов: Зошто е важно да има сексуално образование во училиштата и да се зборува за менструацијата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian