Американскиот претседател Џо Бајден објави неколку имиња, како што рече, на клучни личности кои ќе служат во неговата администрација. За нова амбасадорка во Македонија тој ја номинираше Ангела Агелер, која и е добро позната на овдешната јавност како советничка за односи со јавност на амбасадата на САД во Скопје во периодот 2009-2011 година.
Агелер е дипломатка од кариера и во Северна Македонија ќе дојде од позицијата заменик- амбасадор на САД во Пакистан. Во својата кариера работела и како советник за односи со јавност во амбасадата на САД во Париз, во Стејт Департментот како заменик помошник државен секретар за јужна и централна Азија и повеќе други позиции во американската администрација.
Ангелер рече дека е почестена од кандидатурата за нова амбасадорка во Северна Македонија.
Пред преземањето на функцијата ѝ претстои и конфирмација од страна на Сенатот, после што претседателот и официјално ќе ја именува за амбасадорка. Вообичаено процесот од номинација до конфирмација трае околу 67 дена. Ангела Агелер зборува покрај англиски и француски, и македонски јазик.