50 дрвја – чинари, липа, бел јасен и јавор денеска засадени во Карпош

3 mins read

Од денеска, 11 нови висококвалитетни дрвја од видот македонски чинар дополнително ќе го красат дворот на основното училиште „Јан Амос Коменски“ кое се наоѓа во населбата Тафталиџе 1.

Дрвјата се донација од фирмата Аутомотив Груп, а градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, заедно со основците од „Коменски“ ги засадија садниците.

Во рамки на оваа еколошка акција присуствуваше и писателот Киро Донев кој во оваа пригода им додели на основците од прво и петто одделение, по две книги чиј автор е тој.

Притоа, Донев напомена дека сите ние имаме јазик и писмо што нé прави единствени и свои. Затоа, како што вели култниот писател, во ова време на отуѓеност, дистанцираност и виртуелни комуникации, потребно е на децата да им ја доближиме книгата и да им ги отвориме вратите на волшебниот свет на поезијата и прозата.

Градоначалникот Јакимовски ги поздрави присутните од свое лично име, како и од името на Советот на Општина Карпош и истакна дека денеска постои прекрасен повод за дружба и во таа насока ја поздравува иницијативата за раззеленување на општината.

-Нашата цел е да ви покажеме вам како најмлади ученици дека треба да создадете свест, чувство и потреба за здрава животна средина во којашто спаѓаат зеленилото и дрвјата. Исто така, во оваа пригода со нас е и писателот Киро Донев, со чија поддршка сакаме да го промовираме култот кон читањето, сказните, поезијата и прозата, затоа што тоа е темелот за развој на секој млад човек, посочи Јакимовски.

Јакимовски присуствуваше и во ООУ „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4 каде што заедно со советниците од Карпош, Марјан Стефановски и Славко Митевски, се засадија уште 19 високоразвиени садници од видот липа, бел јасен и јавор во рамки на училишниот двор.

За оваа намена, локалната самоуправа од својот Буџет издвои околу 128.000 денари, а дрвата ќе се одржуваат со помош на инсталираната хидрантска мрежа, односно со постојниот систем за наводнување со кој располага ова училиште.

-Денеска засадивме 50 дрвја од кои 39 ги набави локалната самоуправа, додека пак 11 се донација од фирмата Аутомотив Груп. Дрвјата се засадени на повеќе локации низ населбите Карпош 1, 2, 3 и 4. Не случајно засадивме садници и во неколку училишта, бидејќи сакаме на овој начин да им покажеме на основците дека е особено важно, сите ние да се грижиме за екологијата и за чистата животна околина, додаде градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски.

skopjeinfo.mk

Претходно

Шведска ги отфрла тврдењата на Турција дека Стокхолм го финансира тероризмот

Следно

Леброн повторно ќе игра со Кајри Ирвинг, а Дурент со Вестбрук?!

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian