ВИДЕО: Меморија најавува спектакуларен концерт на 11. јуни, вреден за паметење

2 mins read

Култната скопска музичка група „Меморија“ за 11. јуни најавува спектакл под отворено небо. Картите за концертот на стадионот на АРМ се во продажба, а како што најави Петар Георгиевски за постарата генерација фанови на групата предвидени се 150 места за седење, но и тие се во слободна продажба. Меморија и овој пат како во 2017 година во Метрополис Арената ќе свири и пее за сите генерации кои музичкиот опус го следеа низ децениите постоење на македонската музичка сцена.

-Сакаме да поставиме нови стандарди за сите наредни уметници кои ќе одржуваат концерти на овој стадион. Обезбедивме платформа за да им овозможиме на лицата со телесен инвалидитет да присустуваат на концертот на Меморија, во соработка со Здружението Мобилност и очекуваме тој пример понатаму да го следат и другите музичари. Овој пат како предгрупа на Меморија ќе настапат низа македонски уметници и групи како Ламбе Алабакоски, 2В, Некст тајм, Морал, Ласт Експедишн и Конкорд. Сеад специјално допатува за да ја изведеме заедно „Високи штикли и црни чорапи“. Ќе се свири исклучиво македонска музика, дециден е Перо Камиказа.

Претставничката на Мобилност јавно им се заблагодари на момците од бендот за обезбедената пристапност за лицата со телесен инвалидитет.

-Музиката нема граници, ја слушаме сите. Досега на концерт ни беше проблем таа пуста пристапност, но сега одлично што се обезбеди платформа за телесните инвалиди и се надевам дека и другите музичари и групи ќе го следат овој пример на Меморија, рече таа.

Поце, Валентино, Ристо, Давор кој допатува специјално од Канада за концертот и Мичо од Охрид, деновиве интензивно се подготвуваат за концертот во студиото „Томато“ на нивниот колега од бендот Бане Поповиќ.

Тие не сакаа да ги откријат сите изненадувања предивидени за овој концерт, но најавија дека ќе има повеќе.

-На пробите звучиме како плоча и тоа е токму така како што треба да биде, се пошегува Валентино Скендеровски.

-Се стремиме кон техничко совршенство и тоа ќе го види публиката, вели Перо Камиказа и им се заблагодари на спонзорите кои го обезбедија тоа.

Ристо Самарџиев како покана за концертот и потсетување на големите хитови на Меморија заедно со трубачите ја запеа култната „Дирлада“.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Тренерот Станковиќ го продолжи договорот со Црвена звезда

Следно

Градските татковци ќе учат од европските, на Форум на градоначалници што ќе се одржи на први јуни

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian