Кошаркарите на Далас успеаја да избегнат чистење во финалето на Западната конференција откако во четвртиот натпревар со 119:109 го совладаа Голден Стејт вориорс и намалија на 3:1 во серијата.
Далас водеше во текот на целиот натпревар, а најголемата предност ја имаше во третата четвртина кога водеше со плус 25 (81:56). „Воините“ во финишот успеаја да намалат на 110:102, но Дончиќ и Булок не дозволија Далас да ја прокоцка предноста.
Интересно е што натпреварот по полувремето беше прекинат на кратко бидејќи поради силниот дожд почна до прокиснува кронот на „Американ Ерлајнс“ арената. Лука Дончиќ го предводеше Далас во првата победа во серијата со Голден Стејт со 30 поени, 14 скокови и 9 асистенции. Ова беше 10 дабл-дабл во 14 натпревар во плеј-офот за одличниот словенечки кошаркар. Доријан Фини-Смит постигна 23 поени, Реџи Булок даде 18, а Џејлен Брансон постигна 15 поени.
Во редовите на Голден Стејт најефикасен беше Стеф Кари со 20 поени и ова беше негов 100 натпревар во плеј-офот во кој постигнува најмалку 20 поени. Пред Кари, вакво нешто им успеало само на 16 кошаркари.