Вангелов: Решение со Бугарија е можно, но мора да престанат говорот на омраза и провокациите од Софија

2 mins read

Политикологот Огнен Вангелов, кој е член на Мешовитата комисија за историски и образовни прашања меѓу Македонија и Бугарија, во интервју за „Макфакс“ вели дека веќе подолго време има застој во работата на Комисијата. Застојот, како што појаснува, следува по одлуката на Бугарија да стави вето за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и тоа, како што образложи, се одразило и директно во работата на Комисијата.

„Се разликуваме во сфаќањето за тоа што значи поимот заедничка историја и тука не се согласуваме и веројатно нема да се согласиме ниту во иднина. Тоа е основата на застојот во Комисијата“, нагласи Вангелов.

Тој оценува дека може да се постигне секакво решение меѓу двете држави, но во порелаксирана атмосфера.

„Кога се вжештува атмосферата, а најчесто се вжештува од таа страна, не најчесто, туку исклучиво сите политички изјави што содржат елементи на омраза, на провокации, доаѓаат исклучиво од бугарска страна, зборуваме институционално. А тие велат дека овде има говор на омраза и дека Македонија мора да го спречи говорот на омраза кон Бугарија“, вели Вангелов.

Политикологот вели дека не е толку тешко да се дојде до решение за проблемите што се дискутираат на маса, туку проблем е политизирањето на тие решенија.

„Радев континуирано дава изјави, кои не само што се провокативни туку се и навредливи и понекогаш содржат говор на омраза. Тоа е институционализиран говор на омраза, кој доаѓа од Бугарија од највисоки државни претставници. На тоа треба да одговорат соодветните институции, а ние како членови на Комисијата се држиме до тоа што е наша задача и е во рамките на нашите надлежности“, посочува Вангелов.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Реакции на дел од познатите Американци по масакрот во Тексас: Доста е!!!

Следно

НОВИ ДЕТАЛИ: Сите жртви во масакрот во училиште во Тексас загинале во една училница

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian