Османи: Продолжуваат разговорите меѓу МНР на Македонија и Бугарија, засега нема ништо ново

3 mins read

Продолжуваме конструктивно во изнаоѓање взаемно прифатливо решение со Бугарија. Двајцата премиери нè охрабрија да продолжиме со разговорите и врз основа на тој мандат ние ќе продолжиме, но нема нешто ново и различно од тоа што досега сме го разговарале. Во момент кога ќе имаме, ќе ве информираме, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи, одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на панел дискусијата  „Патот до Брисел“, што се одржува денеска во Скопје.

Пред два дена, посочи Османи, премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков имаа средба во Рим, каде премиерите ги охрабриле двајцата министри и двете министерства за надворешни работи да продолжат со дијалогот и разговорите за изнаоѓање взаемно прифатливо решение и врз основа на тоа охрабрување тие продолжуваат понатаму.

– Не можам да ги коментирам внатрешните динамики во Република Бугарија. Тоа што за нас е важно е дека ние тука имаме став по однос на тие прашања, кои што еве сега продолжуваме да ги комуницираме, и се надевам дека тоа ќе вроди со плод – изјави Османи.

Во врска со идејата на францускиот претседател Емануел Макрон за разни нивоа на членство во Унијата, Османи рече дека тоа сè уште е иницијатива во зародиш и нема пишан документ што ги објаснува деталите, но дека од разговорите со сите претставници на земјите кои ја заговараат идејата е дека таа не претставува алтернатива.

–  Тоа што го кажуваат сите чинители, вклучени во развојот на оваа идеја, е дека тоа не е алтернатива на пристапниот процес во кој што се влезени земјите од Западен Балкан во последните 20 години, туку е нова иницијатива за политичка конвергенција во континентот на ЕУ, без притоа да влијае и да биде замена на ова што ние го имаме тука – изјави Османи.

Ние, посочи Османи, треба да бидеме фокусирани на нашиот процес, во кој сме отидени предалеку и во исполнување на критериумите и во формалните чекори на патот до полноправно членство.

Бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска требаше да дојде во билатерална посета на Македонија кон крајот на март, но посетата беше одложена заради потребата да замине на итен состанок во Брисел, а потоа средбата не се презакажа затоа што Скопје и Софија „ги оладија“ односите по отварањето на бугарскиот клуб Ванчо Михајлов во Битола. Оттогаш се најавува дека разговорите меѓу двете МНР ќе продолжат, во потрага по заемно прифатливо решение.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Експертка сведочеше за Амбер Херд и откри спојлери за „Аквамен 2“

Следно

Рајанер очекува во летните месеци пополнетост на авионите до 94 отсто

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian