Со доаѓањето на Антонио Конте за менаџер, Тотенхем стана сосема поинаква екипа и на крајот успеа да обезбеди пласман во Лигата на шампионите за следната сезона, по што Италијанецот ќе добие голема сума на пари за во летниот преоден рок да донесе засилувања по негов вкус
Претседателот на Тотенхем, Даниел Леви ќе му даде 175 милиони евра на Конте за да ја засили екипата и следната сезона да се обиде да се вклучи во трката за титулата во Премиер лигата.
Сумата може да биде поголема со евентуална продажба на Регулон, Ло Селсо, Ндомбеле, Винкс, Емерсон Ројал, Бергвајн.
На Италијанецот кој седи на клупата на Тотенхем, приоритет му е засилување на одбраната и највисоко на листата на желби му се наоѓа Алесандро Бастони од Интер за кого ќе мора да плати помеѓу 60 и 70 милиони евра.
Покрај Кулушевски и Ромеро чии договори ќе бидат откупени, средниот ред би требало да биде освежен и со Филип Костиќ.
Тотенхем сака да најде партнер на Хари Кејн во нападот и изборот падна на Габриел Жесус од Манчестер сити.
На листата на желби на Конте се наоѓа и голманот Фрејзер Форстер кој треба да го одмора Уго Лорис, како и играчот на Барнли, Максвел Корнет, но и Пјотр Зиелински од Наполи.
– Идната сезона во Премиер лигата ќе може да се прават по пет измени и поради тоа мора да имаме квалитетна и долга клупа за да се бориме со најдобрите екипи – изјави Конте пред да замине на одмор.