Димоски: Ова е мотив плус за мене, секој играч сонува да го облече репрезентативниот дрес

2 mins read

Во јуни македонската А репрезентација ќе ги има првите настапи од новото издание во УЕФА Лигата на нации, поточно во Лигата „Ц“.

Нашите најдобри фудбалери стартуваат на 2 јуни во Разград на гостувањето кај Бугарија, три дена подоцна ќе гостуваат во Гибралтар. На 9 јуни сме домаќини на Грузија, а на 12 јуни на нашиот најголем стадион „Тодор Проески“ ќе го пречекаме Гибралтар.

Селекторот Благоја Милевски повика 28 фудбалери, во составот има тројца нови фудбалери како освежување во националниот тим, тие се Енис Фазлагиќ, Томче Гроздановски и Бојан Димоски.

Димоски имаше одлични перформанси во дресот на ФК Академија Пандев, струмичани предводени од тренерот Ѓорге Стојчев беа вицешампиони во Првата фудбалска лига.

Како што и објави неговиот клуб, поради повреда го пропушти првиот дел од првенството, но затоа се врати помотивиран, блесна во пролетната полусезона со два гола и седум асистенции во 14 настапи.

– Јас сум презадоволен од настапите за Академија Пандев оваа сезона, за мене оваа полусезона беше најдобрата до сега и покрај тоа што имав потешка повреда, истата таа ме направи посилен и помотивиран. Што се однесува до екипата и тренерот верувам дека секогаш може повеќе. Ние сме екипа која поседува голем потенцијал иако имаше натпревари каде што не го дадовме максимумот. Верувам дека во европските натпревари што ни следуваат ќе излезе целиот наш потенцијал. Што се однесува до тренерот мислам дека многу добро ја водеше екипата и ја оправда довербата, тој е тренер за кој сметам дека има што да показе понатаму во кариерата – ни изјави Димоски.

Тој нема да застане тука, волјата и желбата остануваат на патот да се развива уште повеќе како професионален фудбалер и ги брани националните бои.

– Секако дека повикот од селекторот за мене е од особено значење, секој играч сонува и има желба да го облече репрезентативниот дрес. Ова за мене е мотив плус понатаму да продолжам уште посилно, по посветено да работам и секако да ја оправдам довербата која ми е дадена – вели играчот на ФК Академија Пандев.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Хронологија на масовни убиства во САД

Следно

Принцот Хари и Меган Маркл во нови неволји: Дванаесетти човек поднесе оставка од нивната компанија

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian