Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ денеска со герила акција во прес салата на Законодавниот дом побара оставка од претседателот на Собранието, Талат Џафери, по објавената аудио снимка за која се тврди дека се слуша гласот на спикерот како ги пцуе и навредува вработените од службите.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ држеа транспарент во рацете на кој пишуваше „Бегај бе таму, хеј сус“, алудирајќи на снимката, а имаше и помали транспаренти на кои беа испишани и останатите непристојни изрази кои наводно ги искажа Џафери.
– Поминаа повеќе од десет дена, а Претседателот на Собранието Талат Џафери, не само што не се извини за неговото безобразно однесување спрема вработените во собраниската служба туку се однесува како ништо да не се случило. Крајно е недозволиво токму од човекот кој што прв го потпишал етичкиот кодекс за однесување во Собранието, најгрубо да го крши и да бега од одговорност и заедно со пратениците од власта да пробуваат на секаков можен начин да го скријат под тепих овој скандал. Џафери најмалку што можеше да направи е да се извини за ваквото однесување и да си поднесе оставка од функцијата Претседател на Собранието, порача Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ побара седница на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања на која ќе се расправа за прекршувањето на Етичкиот кодекс од Талат Џафери.