Осумдесет навивачи на Рома беа депортирани во Италија по нередите во Тирана во пресрет на вечерашното финале од Лигата на конференции во кое ќе се сретнат „римската волчица“ и Феенорд.
Според заменикот на тиранската полиција Алберт Дервиши, две одделни групи холандски и италијански навивачи се судриле со полицијата во вторникот, при што биле повредени 19 полицајци и пет цивили.
Тој изјави дека во притвор се 48 навивачи на Рома и 12 навивачи на Феенорд и истакна дека секој од уапсените ќе се соочи со казна затвор од седум години.
– Решени сме да гарантираме ред и безбедност, да спречиме уништување на имот и да обезбедиме нормално одржување на натпреварот – изјави Дервиши.
Фудбалерите на Рома и Феенорд ќе играат вечерва од 21 часот во Тирана во финалето на Лигата на конференциите. Натпреварот се игра на Националниот стадион со капацитет од 20.000 седишта, а се очекува пристигнување на 100.000 навивачи на двете екипи.