Ковачевски: Просветителската мисија на Светите Кирил и Методиј има посебно место во историјата на македонскта држава

4 mins read

Мисијата на Светите браќа Кирил и Методиј е еден од првите примери на поврзување на различни култури со истовремено почитување на разликите. Тоа е вредност на која ние и денеска се повикуваме и која ни посочува да бидеме свртени кон иднината во која заедничките допирни точки не не делат, туку не поврзуваат, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со делегацијата одаде почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе во Рим.

Според премиерот, просветителската мисија на Светите браќа Кирил и Методиј има посебно место во историјата на македонската држава.

-Во тој дух, ние денеска можеме да кажеме дека Северна Македонија го чува и негува делото на светите браќа заедно со сите народи. Со сите народи кои ја прпеознаваат и слават низвната цивилизацијска мисија со достоунство и чест, додаде премиерот.

Ковачевски, како што јави известувачот на МИА, истакна дека епохалното дело на Светите Кирил и Методиј, на различните словенски народи им овозможи самоуверено да зачекорат на светската цивилизациска сцена.

– Нивната мисија, Библијата да биде достапна и на сите јазици на сите Словени и тогаш и денес има наднационална, цивилизаторска и обединувачка улога. Светите браќа овозможија Библијата да биде достапна за сите Словени и старословенскиот јазик да се воведе во црковните служби. Истовремено, Светите Кирил и Методиј и нивните ученици, ќе започнат и далеку поширока културна активност преку описменување на населението, превод на книги и формирање на книжевни школи, од кои подоцна ќе произлезе и Светиклиментовата Охридска школа.

Како што рече, оваа вредност, и после повеќе од 1150 години нè учи и нè инспирира за дијалог и меѓусебно разбирање.

Тој во името на на Владата на Република Северна Македонија, на Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, на членовите на Синодот, на ценетото свештенство и монаштво, како и на сите православни верници во нашата земја им го честита големиот празник денот на Светите рамноапостолни Кирил и Методиј. Оваа година, како што рече, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители го одбележуваме во светлината на историската одлука на Вселенската Патријаршија да ја прифати МПЦ-ОА во литургиско единство во православната заедница.

Исто така, премиерот Ковачевски на ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје, на деканите, продеканите, професорите, сенаторите и на сите сегашни, минати но и идни студенти да го честита 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патрониот празник на УКИМ.

-Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” е нераскинлив дел од историјата на Северна Македонија како прв државен универзитет во нашата земја. УКИМ ја исполнува својата мисија на еден од столбовите на нашата државност и како достоен продолжувач на визијата и просветителската дејност на светите браќа Кирил и Методиј. На сите граѓани на Република Северна Македонија, им го честитам 24 мај – Денот на сесловенските просветители браќата Свети Кирил и Методиј. Нека е вечен споменот на нив, рече Ковачевски.

Ректорот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” Никола Јанкуловски, кој денеска заедно со македонската делегација одаде почит пред гробот на Свети Кирил во базиликата Сан Клементе во Рим, и испрати честитка по повод 73 години постоење на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје.

-Ми претставува чест и задоволство што сум дел од црковно државната делегација и на овој ден што го славиме 24 мај Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј. Дојдовме тука и дадовме должна почит и поклоление пред горобот на свети Кирил, рече ректорот Јанкуловски.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Од кујната на младиот Давор Панчевски: Брза пита со компир и праз

Следно

Одбележување во Стајковци – Училишната сала ќе го носи името на херојот Бобан Ивановиќ

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian