Реал Мадрид доживеа вистинско понижување во саботата откако Килијан Мбапе одлучи да остане во ПСЖ иако речиси сите го видоа како нов фудбалер на „кралскиот клуб“.
„Операцијата Мбапе“ Реал Мадрид ја започна пред повеќе од една година, претседателот Флорентино Перез го означи токму францускиот репрезентативец како идниот лидер на новиот тим на ѕвездите и откако минатото лето беше одбиена понудата тешка 190 милиони евра, првиот човек на „кралевите“ играше на картата дека до Мбапе ќе дојде бесплатно.
Но, напаѓачот во саботата објави дека останува во ПСЖ до 2025 година и го шокира Перез кој веднаш почна да бара начин како да се „извади“ за понижувањето. Шпанските медиуми блиски до Реал Мадрид, денеска објавија дека Перез подготвил 200 милиони евра за засилувања во летниот преоден рок само за да „се испере“ од срамот што го доживеа во саботата.
Весникот „Марка“ пишува дека замената за Мбапе е играчот на Милан, Рафаел Леао. Португалецот постигна 11 голови и имаше 10 асистенции за „росонерите“ и даде значаен придонес во освојувањето на титулата во Серија А.
Иако Леао е проценет на 50 милиони евра, за очекување е дека Милан нема да го пушти Португалецот за помалку од 80 милиони. За иста сума се очекува да биде достапен и напаѓачот на Бенфика, Дарвин Нуњез, а како последно име на списокот на Перез е тоа на играчот на Монако, Аурелиен Чуамени кој би чинел 50-тина милиони евра.