Шпанска закана за Ѓоковиќ на Ролан Гарос

4 mins read

На трите турнири од АТП мастерс серијата 1000 што се играа на земја, триумфираа тројца различни тенисери, што претставува одлична најава за Ролан Гарос, додека во женска конкуренција фокусот ќе биде на Ига Швјонтек која се наоѓа во голема победничка серија.

Од денеска па се до 5 јуни во Париз ќе се одржува вториот годинешен гренд слем турнир, Ролан Гарос, кој според постигнатите резултати на турнирите од АТП мастерс серијата 1000, се очекува да донесе големи возбудувања во машка конкуренција, додека кај дамите најдобрата тенисерка Ига Швјонтек е апсолутен фаворит за титулата.

На трите мастерс турнири славеа тројца различни тенисери, Стефанос Циципас во Монте Карло, Карлос Алкараз во Мадрид и Новак Ѓоковиќ во Рим, а никако не смее да се отпише и недоволно опоравениот Рафаел Надал кој дури 13 пати го креваше шампионскиот пехар на Ролан Гарос.

Претстојните две недели се очекува да покажат и дали новото тениско чудо од дете, Карлос Алкараз е подготвен уште сега да го презеде приматот на нов лидер во светскиот тенис. Младиот Шпанец пред Ролан Гарос, на мастерсот во Мадрид успеа да ги победи и Надал и Ѓоковиќ и најави прекин на доминацијата на двајцата ветерани кои победуваа на последните шест изданија на гренд слем турнирот во Париз.

Настапот на Ролан Гарос исто така ќе претставува предизвик и за Ѓоковиќ, кој минатата недела дојде до првиот триумф во 2022 година. Српскиот тенисер не доби можност да ја брани титулата на Отвореното првенство на Австралија бидејќи беше депортиран поради неговото одбивање да се вакцинира против коронавирусот, а поради истата причина не играше на турнирите во САД.

Ѓоковиќ успеа да се врати во победнички ритам токму на последниот турнир пред стартот на Ролан Гарос, мастерсот во Рим, со што најави атак на нова титула.

– Доколку ја погледнете АТП ранг-листата и мометната форма, Новак Ѓоковиќ е прв фаворит за триумф во Париз. Се наоѓа во одлича ситуација, но не знам дали можеме да го наречеме апсолутен фаворит. Секогаш кога Надал игра на земјени терени не смее да биде отпишан без разлика во каква здравствена состојба се наоѓа и секогаш ќе биде фаворит бидејќи има 13 титули на Ролан Гарос. Исто така, тука е и Алкараз кој годинава постигнува неверојатни резултати и веќе ги победи и Новак и Рафа на земја. Сепак, пред него е голем предизвик бидејќи се уште не знаеме како може да се носи со притисокот и со играњето гренд слем турнир кој трае две недели и се игра во три добиени сетови. Сепак, резултатите покажуваат дека тој е еден од главните фаворити – вели поранешниот тенисер, Алекс Кореча.

Ждрепката беше немилосрдна кон фаворитите, Ѓоковиќ и Надал наместо во завршницата би можеле да играат еден против друг уште во четвртфиналето, додека во полуфиналето победникот од нивниот дуел евентуално би играл со Алкараз или Александер Зверев кој исто така е меѓу главните фаворити за титулата.

Во женска конкуренција, фокусот ќе биде врз првата тенисерка на ВТА ранг-листата, Ига Швјонтек која има 28 победи по ред. Полската тенисерка е без пораз од февруари и победи на четирите турнири од ВТА 1000 серијата во Доха, Индијан Велс, Мајами и Рим. На последниот турнир во Рим, Швјонтек загуби само 21 гем во пет меча со што потврди дека е апсолутен фаворит за триумф на Ролан Гарос каде во 2020 година веќе го крена шампионскиот пехар.

– Знам дека веќе направив големи нешта годинава, но чувствувам дека можам да продолжам во победнички ритам. Сигурно е дека очекувањата се големи бидејќи победив на четири турнири пред Ролан Гарос, но немам проблеми со притисокот бидејќи веќе еднаш победив во Париз – вели Швјонтек.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

МПЦ-ОА го прогласува Јоаким Крчовски за светител

Следно

Лекарите објаснија што не треба да правите ако ве касне оса

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian