ВИДЕО: Фантастичен Мициќ, Анадолу Ефес ја одбрани титулата во Евролигата

2 mins read

Кошаркарите на Анадолу Ефес вечерва го победија Реал Мадрид во големото финале на Евролигата со 58:57 и успеаја да ја одбранат титулата во најквалитетното клупско натпреварување. Претходно во борбата за третото место Барселона славеше над Олимпијакос (84:74).

Вечерва во белградската Арена гледавме неизвесен натпревар помеѓу Реал и Ефес, а на крајот турскиот клуб успеа да победи. Од самиот почеток гледавме рамноправен меч и веќе беше јасно дека прашањето за победникот ќе се реши дури во последните секунди.

Реал водеше во првата четвртина со 15:14, а „кралевите“ одиграа подобро и во втората четвртина. Шпанскиот клуб успеа на полувреме да замине со предност од пет поени разлика (34:29).

Но, подоцна Анадолу Ефес успеа да израмни. Во натпревар во кој не видовме многу поени како што се очекуваше, не недостигаа возбудувања на паркетот кои само може да ги понуди ваков натпревар.

Во последната четвртина Ефес успеа да направи пресврт на крилата на Василије Мициќ кој одигра неверојатен меч.

Мициќ погоди неколку тројки кои го оставија Ефес во живот и најдобро одговори на поените на Серхио Љуљ од другата страна. Во последната минута Габриел Дек постигна тројка за 53:53, но во следниот напад Мициќ возврати за 56:53.

Плајс потоа погоди за 58:55, а Реал имаше напад за продолженија. Но, Шпанците сето тоа го направија многу лошо, а на крајот Љул успеа само да погоди за 58:57 што не беше доволно за Реал да се избори за продолженија.

На семафорот немаше повеќе време, па Ефес на крајот славеше со 58:57 и успеа да ја одбрани титулата европски првак.

Мициќ беше најефикасен со 23 поени, одличниот српски плејмејкер беше прогласен за најкорисен играч на Фајнал-фор турнирот (МВП). Кај Реал Мадрид, Тавареш беше најдобар вечерва со 14 поени и 11 скока.

Втора евролигашка титула за турскиот Анадолу Ефес/Белград, Србија/21 мај 2022/Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Трогателна порака за Матеј Периш испрати српскиот патријарх: Болно е да се испрати син во војската Христова

Следно

ВИДЕО | Наскоро филм за Џенифер Лопез на „Netflix“: Се обидувам да дадам нешто значајно

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian