Интервју со Билјана Клекачкоска, воскресија на филигранството: Што е тоа што го тера пештерскиот човек од пред 75.000 години да се накити?

8 mins read

Мојот предизвик е секојпат да си играм, да преиспитувам, да откривам нови лица или, да речеме, нови фасети на еден скапоцен камен.

Билјана, покрај тоа што е воскресија на филигранството и заштитничка на културното наследство, е жедна ерудитка која со етаблирано име го продлабочи своето знаење на реномираниот факултет „Триер“. Со поглед во нејзината работа ќе откриете еден бесконечен свет, речиси волшебен, далечен и потсвесен, кој најљубовно, со грижлив оган ја негува човечката потреба за „китење“.

Кога почнавте да се занимавате со филигранство? Како се роди Вашиот интерес за оваа форма на занаетчиство?

– Ова е многу дамнешна приказна, раскажувана повеќепати и на повеќе места. Со сребро почнав да работам во 1997 година, воедно тогаш започна и филигранската приказна. Филигранот ме привлече како битен дел од нашето нематеријално и материјално културно наследство, кое во тоа време беше на работ на изумирање. Кога велам нематеријално, мислам на занаетот како вековно акумулирано умеење да се обработува благороден материјал (злато, сребро), да се обмисли, да се даде форма и да се изработи предмет за китење; накит во кој е вткаено некакво значење. А зошто накит – е прашање на кое редовно наоѓам нови одговори низ овие 25 години креативно творење.

Fungi, Фото: Приватна архива

Накит не само како статусен симбол или предмет со интимно значење, туку како една од најстарите културни придобивки на човештвото. Накитот како есенцијална форма на изразување и невербална комуникација, како предмет со повеќеслојни значења и функции длабоко поврзани со личното, идентитетското, како отелотворена форма на нашите вредности. Што е тоа што го тера пештерскиот човек од пред 75.000 години, освен алатки и орудија потребни за опстанок, да прави дупчиња во школки (технолошки напредок сам по себе!), да ги реди на врвка и да ги става околу врат т.е. да се накити?

White Dove with a Cardboard Heart, Фото: Приватна архива

Вашата кариера ниже многу успеси. Кои ви се омилени парчиња на накит што сте ги изработиле и за кого?

– Можеби омилени ми се оние парчиња накит, вклучувајќи и објекти, преку кои сум направила некаков пробив, во смисла надминување одреден израз или веќе воспоставен начин на креирање. Без разлика дали станува збор за постојна традиција или за свое постигнување (во рамките на одредена техника, материјали за работа). Секое ново искачено скалило има потенцијал да маѓепса, да отвори, но истовремено и да се претвори во ограничување, дал ради комоцијата и сигурноста што ја нуди повторувањето или ради изградените очекувања од другите. Мојот предизвик е секојпат да си играм, да преиспитувам, да откривам нови лица или, да речеме, нови фасети на еден скапоцен камен.

Во моментов ми се најблиски парчињата накит што се практичен дел од мојата магистерска теза со наслов „Поглед на невидливото“ ( A Glimpse of the Invisible). Би го вброила и ѕидниот предмет што го изработив со наслов „Три птици собрани околу капка течна светлина на лист од лапис лазули“, кој нашиот почитуван претседател Стево Пендаровски му го подари на папата Франциск при посетата по повод чествувањето на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј во 2021 година.

Три птици собрани околу капка течна светлина на лист од лапис лазули, Фото: Приватна архива

Вие сте веќе етаблирана филигранистка. Зошто решивте да се запишете на уметничкиот факултет „Триер“ во Германија? Што ново научивте, во оваа фаза на Вашата кариера?

– Хм. Од истите причини веројатно. Предизвик да се надмине уште некоја граница. Од една страна, си посакав искуство во една реномирана институција, имајќи предвид дека целиот мој развој и постигнувања во полето на накит беа вонинституционални. Од друга страна, бидејќи сè повеќе ме привлекуваше авторски накит, поточно накитот како уметничка форма, имав потреба од поинаква околина и фокус, поинаква платформа и вмрежување што ова училиште ми ги овозможи.

The Leter, Фото: Приватна архива

Магистриравте на „Триер“, на одделот за накит и скапоцени камења во Идар Оберштајн. Што значи тоа за Вашите рачни изработки и начинот на кој се изготвени? Дали работите со други материјали и техники?

– Магистерските студии се дел од Универзитетот Трир, на одделот за накит и скапоцени камења во Идар Оберштајн. Ова е мал оддел, во мало гратче, но обете кријат изобилство од скапоцености. Школото нуди специфична програма и услови за работа со најразлични материјали: секакви метали, камен, керамика, стакло, емајл, пластика, биоматеријали, 3-д дизајнирање и 3-д принт, буквална слобода на избор што индивидуално одговара на секој студент, во зависност од личните проекти и теми. Оваа слобода за мене беше клучна, имајќи предвид дека доаѓам од независна културна сцена и професионален развој. Добив можност да експериментирам многу, воедно и да практикувам нови техники и материјали што во Македонија не ми биле достапни. Се изнаиграв со машини и алати и материјали, се вљубував во различни скапоцени камења. Материјализираните резултати и плодови од мојата работа овде, се надевам ќе има можност да се изложат и видат и во Македонија во некое скоро време.

Од каде црпите инспирација за Вашите уметнички дела и како се одвива духовниот и рачен процес на нивното создавање? Каде можат да се најдат Вашите изработки?

– На некој начин, процесот на работа во овие 2 и пол години започна трансформација што сè уште трае. Поранешното осмислување колекција и изработка од идеја, скица до парче накит, дозволив да се разгради за да може да никне нешто ново. Истиот пристап го применив и на филигранот како техника. За инспирација, мое поле на истражување овде беа две теми: поврзаност – како релација меѓу сепостоечко, и мицелиум (подземниот дел од тоа што ние го знаеме како печурка) како архетип на поврзаност. Воедно, самата релација човек – печурки и нејзиниот историјат беше исто така дел од моето истражување. Околу изложување, годинава следуваат неколку претставувања на битни саеми за авторски/ уметнички накит. Во април како дел од дипломска група се претставив на Инхоргента во Минхен, а следува и Шмук во јули, повторно во Минхен – еден од најважните настани на светско ниво кога станува збор за накитот како уметничка форма. Во план е и изложба во Загреб и уште неколку помали саеми наесен. Секако сум достапна и на социјалните мрежи „Инстаграм“ и „Фејсбук“.

Etudes, Фото: Приватна архива

www.slobodenpecat.mk

Претходно

ВИДЕО: Голден стејт после пресврт до 2:0 против Далас

Следно

Се запали магацински простор во Скопје кај старата фабрика „Комуна“

Latest from Blog

ВМРО-ДПМНЕ: Каков дебакл – во истиот ден кога Каевски се фалеше дека го заштитиле идентитетот, демантот стигна од Бугарија, Македонија прифатила дека Самоил е бугарски цар, а Климент и Наум твореле во бугарска држава

Кој го намести младиот олигарх Дарко Каевски поразот да го прославува како победа, во истиот ден

MacedonianEnglishAlbanian