Дијана Иваноска ни подготви мини чискејк колачи со јагоди и бело чоколадо

3 mins read

Животот навистина може да биде беспрекорно вкусен, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.

Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.

Денес споделува мини чискејк колачи со јагоди и бело чоколадо.

„Брзо и превкусно десертче за секоја пригода. Крем-сирење и слатка павлака комбинирани со јагоди и белo чоколадo се совршен спој. Се подготвува ептен брзо, најтешкиот дел е чекањето да се стегне во фрижидер“, вели таа.

Дијана Иваноска
Дијана Иваноска / Фото: Инстаграм

Потребни состојки:

За кората:
– 200 г мелени бисквити (јас користам плазма)
– 100 г путер стопен
За кремастиот дел:
– 300 г крем сирење
– 110 г шеќер
– 300 мл слатка павлака (хопла)
– 1 кесичка желатин
– 4 лажици вода ( за желатинот)
– 20 г јагоди или малини (свежи или замрзнати сеедно)
– 150 г бела чоколада
– слатка павлака за декорирање (сосема опционално)
*Од оваа количина ми излегоа 6 мини чискејк колачи во силиконски калап и еден во класичен калап од 20 см.

Дијана Иваноска
Дијана Иваноска / Фото: Инстаграм

Подготовка:

Во еден сад измешајте ги бисквитите и стопениот путер. Ќе добиете смеса слична на влажен песок. Распределете ја смесата во калапите и натапкајте ја убаво на дното. Стопете го чоколадото. Желатинот измешајте го со ладната вода и оставете да набабри околу 10 мин. Потоа стопете го на тивок оган, не треба да проврие, само да се стопи. Изматете го крем-сирењето со шеќерот. Додајте го желатинот, чоколадото и слатката павлака. Матете 5 мин. Јагодите блендирајте ги кратко, или исечкајте ги. Додајте ги во смесата и нежно измешајте ама не целосно, нека останат и бели делови. Распределете ја смесата врз базата од бисквити. Измазнете ја површината и ставете ги во фрижидер неколку часови да се стегнат. Ако правите мали чискејк колачи во силиконски калап, ставете ги во замрзнувач, полесно се вадат така. Ако го правите во тавче или калап, доволно е да стојат во фрижидер. Декорирајте (опционално) со изматена слатка павлака, јагоди, прелив. Уживајте.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Де Брујне е играчот на сезоната во Премиер лигата

Следно

Тренчевска од Берово најави поголема грижа за ранливите категории

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian