Бесими: Ребаланс за заздравување на економијата и поддршка на граѓаните и стопанството

3 mins read

Нови дополнителни 76 милиони евра за мерки за заштита на стандарот на граѓаните и поддршка на стопанството се обезбедуваат со ребалансот на Буџетот, како средства за заштита или резерва и во случај на потреба ќе влезат во нов пакет мерки. Се обезбедуваат и дополнителни 52 милиони евра за субвенции за земјоделците, информираше денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.

Со ребалансот на Буџетот, што го усвои вчера Владата, се обезбедени и средства за покачување на пензиите на пензионерите,  на платите за наставниците, за субвенции за покачување на минималната плата, и во јавниот  и во приватниот сектор, како и повеќе средства за социјални надоместоци и субвенции за гарантиран минимален приход.

-Овој ребаланс е соодветен и навремен фискален одговор на тековните глобални случувања. Ова е ребаланс за целосно заздравување на економијата од пандемијата. Ребаланс за поддршка на граѓаните и фирмите во екот на глобалната ценовната и енергетска криза, рече Бесими.

Економскиот раст за годинава е проектиран на 3,2 проценти, што е намалување за 1,4 п.п. во однос на макроекономските проекции кога се креираше Буџетот. Се очекува побарувачката да биде главен двигател на растот, при што приватната потрошувачка се проектира со раст од 3,3 проценти.

-Влијанието на ценовните притисоци врз доходот на домаќинствата ќе биде неутрализирано преку зголемената минимална плата, зголемените пензии, но и преку други владини мерки за ублажување на ефектите од ценовниот шок, најави Бесими.

Стапката на инфлација е проектирана на 7,2 проценти, што е интензивирање на ценовниот пораст споредено со 2021 година. Меѓународните финансиски институции, укажа Бесими, очекуваат во втората половина од годината умерено и постепено да се стабилизираат ценовните притисоци, додека догодина да дојде до нивна целосна стабилизација.

Според Бесими, годинава се очекува раст на побарувачката за работна сила, поттикната преку активните мерки и програми за вработување и поддршката на домашните и странските претпријатија за отворање нови работни места. Според основното макроекономско сценарио, растот на бројот на вработени е проектиран на 1,6 проценти, што ќе придонесе просечната стапка на вработеност да се зголеми на 47,9 проценти, додека стапката на невработеност да се намали на 14,5 проценти. Просечната нето-плата се очекува забрзано да расте со проекција од 11 проценти за 2022, во услови на покачување на минималната плата за 18,4% во март, зголемување на платите во секторот образование, како и пораст на платите во некои високо-продуктивни дејности, како што се информациско-комуникациската дејност, стручни, научни и технички дејности.лв

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Некој расположен за „глава на лав“? Свински ќофтиња со невообичаено име и уште понесекојдневен вкус

Следно

Ѓорче Петров блесна – Заврши пролетната акција за чистење и уредување

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian