Градоначалникот на Аеродром, Тимчо Муцунски, при посетата на ООУ „Блаже Конески“, порача дека се инвестира многу во овој образовен објект.
-За првпат од кога е изградено училиштето се инвестира во нова енергетска ефикасна фасада, а вредноста на проектот е над 100.000 евра и се смета како една значајна инвестиција во училиштето. На кровот на училиштето веќе се поставени фотоволтации, а со тоа внимаваме на енергетската ефикасност и училиштето за свои потреби ќе произведува електрична енергија, појасни Муцунски.
Тој вети дека ќе биде проширен и капацитетот на ова училиште.
-Во моментот вршиме проектирање за доградба на основното училиште. Веднаш по проектирањето ќе почнеме со изведба и ќе го прошириме капацитетот на училиштето, а од тоа најголем бенефит ќе имаат учениците од ова училиште, рече градоначалникот.
Истовремено, во тек е постапка за промена на деталниот урбанистички план со кој веќе нема да има угостителски објект во близина на училиштето, а на истото место ќе се изгради нова детска градинка.
-Една од приоритетните градинки ќе биде токму тука, во Мичурин и жителите на овој дел од Општина Аеродром, заклучува првиот човек на општината.