Фото и видео од дрон: Пропаѓа „Македонското село“, времето го гризе убавиот комплекс кај Нерези

3 mins read

Тажна слика стои од десна страна на патот од Нерези кон Средно Водно. Заборавено од државни институции, а полека избледува и од спомените на граѓаните. Пропаѓа еден од најубавите проекти кои ги остави претходната влада предводена од Никола Груевски.  Отворено во 2015 година, клучот „Македонското село“ се стави три години подоцна, во октомври 2018 година.

На само десетина километри од центарот на Скопје во подножјето на Водно, спроти преубавиот манастир „Св. Пантелејмон“ се наоѓа комплексот кој според многумина, до пред неколку години беше најрепрезентативната локација за прошетка на туристи во Скопје. Сега само дел од сеќавањата на скопјани и туристите. 

Катанец на портите и чуварот од агенцијата за обезбедување ги чуваaт новите селски куќи од случајни намерници и ги спречува љубителите на старинскиот дух да прошетаат по камените улици на селото, да вдишат дел од здивот на Македонија. Тажно висат обесени македонските знамиња на високите јарболи.

Комплексот се состои од 12 тематски куќи, а секоја претставува по еден град од Македонија – беровска, делчевска, кумановска, реканска, струшка, прилепска, тетовска, кратовска, галичка, битолска, велешка и куќа од Скопска Црна Гора.

Изградбата на комплексот „Македонско село“, почна во 2011 година, со инвестиција на Владата, а чинеше 6,5 милиони евра. Односно, за самата изградба се дадоа 5,2 милиони евра, за внатрешно уредување беа потрошени 1,3 милион евра, 24 илјади евра беа потрошени за електромобили кои служеа за пренесување на куферите на гостите во селото, 4.200 евра беа потрошени за патоказите и ознаките на комплексот, а 2.700 евра чинеа клупите и корпите за отпадоци.

Приказната за овој комплекс заврши во октомври 2018 година кога компанијата „Тинекс“, која беше првиот концесионер на комплексот од неговото отворање во 2016 година, информираше дека нема економска исплатливост и дека комплексот во континуитет работел со загуби.

Минатата година,  министерот за економија Крешник Бектеши, кога ги претставуваше плановите за неговиот следен четиригодишен мандат како еден од преоктите го наброја и тој, „Македонско село“ да стане „Стартап село“. Бектеши тогаш рече дека „Македонско село“ е еден од приоритетите и веќе се работи на преоктот како да се претвори во стартап-село, каде што младите од земјава и странство ќе имаат можност да основаат бизниси без да плаќаат режиски трошоци. Но, и овој проект веројатно остана на хартија.

Граѓаните спортуваат, планинарат и пешачат, но не го тргаат погледот од градбите и куќите кои автентично ја раскажуваат историјата на Македонија.

На социјалните мрежи, по форумите и на самото место случајните минувачи со жалење коментираат дека треба да се најде начин овој објект повторно да се оживее и да продолжи автентично да ја раскажува приказната за Македонија. 

skopjeinfo.mk

Претходно

Започна традиционалниот „Сокол јуниор куп“ во Карпош

Следно

Фото и видео од дрон: Заборавено и напуштено пропаѓа „Македонско село“ кај Нерези

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian