Снимка од пречекот на делегацијата на МПЦ-ОА предводена од архиепископот Стефан во Белград, вечерва беше објавена на страницата на српскиот патријарх Порфириј на Фејсбук.
Двајцата црковни великодостојници ќе одржат заедничка литургија утре во храмот Свети Сава, како израз на враќањето на македонската црква во канонско единство со другите православни цркви.
На снимката се гледа како архиепископот Стефан е пречекан од патријархот Порфириј и тие се прегрнуваат, додека во позадина бијат камбани.
„Како што бијат камбаните на Светосавскиот храм, така и нашите срца бијат од радост поради овој благословен ден. Добредојдовте драги браќа! Добредојде, брате архиепископе Стефане и владици. Добредојдовте во заедницата на љубовта, вие и сиот ваш богољубив народ. Браќа сме и само браќа“, пишува српскиот патријарх на Фејсбук.