Ракометарките на ЖРК Металург изминатиот викенд по девет години успеаја повторно да го освојат пехарот во Купот на Македонија, а најголеми заслуги за тоа има младата 15-годишна Ива Младеновска која уште еднаш потврди дека е новиот ракометен бисер и воедно е иднината на женскиот ракомет.
Младеновска во финалето на Купот кое се играше во Кавардарци против Ѓорче Петров (30:27) постигна девет гола, додека во полуфиналето на фаворизираниот тим Куманово (25:21) му даде десет гола и по пауза од девет години, во Автокоманда го донесе шампионскиот пехар, вкупно петти за Металург.
– Тоа што се договоривме со нашиот тренер пред завршниот турнир во целост го реализиравме и навистина сум среќна како и сите во клубот, за освоениот трофеј. Титулата во Купот на Македонија исто така претставува и еден вид награда за нашата работа во текот на целата сезона – вели младата ракометарка.
Одличните игри на Младеновска, покрај 19. гола што ги даде на двата натпревари и кои и го донесоа признанието за најдобар стрелец, исто така и донесоа и награда за МВП на завршниот турнир. Младата ракометарка беше најдобра кога беше најпотребно, со својата смиреност и самоувереност во одлучувачките моменти, беше незадржлива за противничките ракометарки.
– Не може еден играч да биде победник, ракометот е тимски спорт и триумфот во Купот е заслуга на сите ракометарки во нашиот клуб. Но, во исто време наградите за најдобар стрелец и МВП на завршниот турнир се награда за мојот индивидуален труд и макотрпна работа во текот на целата сезона и тие воедно претставуваат дополнителна мотивација за уште помакотрпна работа во иднина – смета Младеновска која очекува нејзиниот тим во победнички ритам да ја заврши сезоната.
– Сега ни останува да ја завршиме сезоната на најдобар можен начин, во победички ритам и да продолжиме напорно да работиме за да бидеме уште подобри во следната сезона.
Суперталентираната Младеновска ќе има работно лето и на репрезентативен план. Таа ќе биде дел од репрезентацијата на Македонија на претстојното Светско првенство во кадетска конкуренција (30 јули – 10 август) што ќе се одржи во нашата земја, а исто така ќе биде дел и од репрезентацијата за претстојните Медитерански игри.
– Ме чека уште работа сезонава бидејќи ќе имам настапи и со репрезентациите. Се надедевам дека и на националниот дрес ќе продолжам во ист ритам – вели Ива Младеновска.
Савевски: Ива е дијамант
Селекторот на женските репрезентации на Македонија, Љубомир Савевски, е задоволен од прикажаните игри на Младеновска на завршниот турнир во Кавадарци.
– Ива е дијамант, одигра одлично и во полуфиналето и во финалето. Прикажа зрела игра, беше смирена кога беше најпотребно и очекувам да продолжи со добрите игри и во иднина. Младеновска ќе има работно лето бидејќи ќе биде дел од кадетската репрезентација на Македонија на СП кое ќе се одржи во Скопје, а ќе биде дел и од репрезентацијата на Медитеранските игри – вели Савевски.