Легендарниот американски моден дизајнер Боб Меки го дизајнираше култниот „гол“ фустан за Мерилин Монро во 1962 година, кој го носеше додека му ја пееше „Happy Birthday“ на тогашниот претседател Џон Кенеди. Ким Кардашијан на овогодинешната Мет Гала ја носеше познатата креација, а на Меки тоа воопшто не му се допадна, пишува „Entertainment Weekly“.
– Мислам дека тоа е голема грешка. Мерилин беше божица. Луда божица, но божица. Беше едноставно фантастично, изјави 82-годишниот дизајнер. Додаде дека верува оти никој освен Мерилин не требало да го носи тој фустан.
– Јас го дизајнирав исклучиво за неа, рече тој.
Прекрасните фустани на Меки ги носеа многу познати диви, а некои од најпрепознатливите креации ги дизајнираше за пејачката Шер. Дизајнерот не е голем обожавател на семејството Кардашијан и претходно ги обвини дека ја копираат Шер.

Цената на фустанот на Мерилин Монро е околу 5 милиони долари. Во 2016 година, го откупил музејот „Ripley’s Hollywood Boulevard“ кој го чува и денес. Станува збор за креација која е навистина значајна и чувствителна, па Ким оригиналната креација ја носеше само при прошетка на црвениот тепих, а кога влегла на забавата се пресоблекла во копија.