Сашко и Сашка ни подготвија фантастичен десерт: Чоко-портокал тарт

3 mins read

Сашка и Сашко стојат зад креативниот инстаграм-профил за храна @sash_dream. Сашка работи како координатор за набавки во странска компанија, а Сашко го менаџира сопствениот ресторан специјализиран за кетеринг и организација на настани од секаков тип.

Нивна заедничка пасија е гастрономијата, па како што ни открива Сашка, со готвењето се релаксира по напорните денови на работа, а Сашко пак, ја развива својата креативност преку естетското послужување на приготвената храна. Оваа суперидеја е производ на пандемијата, а инспирација црпат од секојдневието и од блоговите за храна.

„Многу често се случувало да патуваме заедно, да вкусиме нешто карактеристично за дестинацијата, а ново за нас и веднаш кога ќе се вратиме да пробаме да направиме наша варијанта“, ни откриваат тие.

Денеска споделуваат супер идеја за десерт – сиров чоко-портокал тарт!

чоко-портокал тарт
Чоко-портокал тарт / Фото: Приватна архива

Потребни состојки:

База:

– 1 шолја урми (претходно покиснати во топла вода околу 5 минути)
– 1 шолја потпечени лешници
– 1 шолја кокос трошки
– ситно рендана кора од 1/2 портокал
– 2 лажици какао прав
– 1 лажица сируп од урми или кокосово масло
– 1 лажица путер од лешник

Подготовка:

Најпрво се блендираат сувите состојки: лешници, кокос и какао. Покиснатите урми се насечкуват на пола и се додаваат во блендер, заедно со останатите состојки: сируп/кокосово масло и путер од лешник. На крај, се додава кората од портокал, се промешува со лажица и смесата се натапкува во модла за тарт.

чоко-портокал тарт
Чоко-портокал тарт / Фото: Приватна архива

Фил:

– 1 шолја индиски ореви (претходно покиснати во вода минимум 3 часа)
– 125 мл сок од портокал
– 6 лажици кокосово масло
– 5 лажици мед
– 2 лажици какао прав
– ситно рендана кора од 1/2 портокал
– 1 лажичка ванила екстракт

Подготовка:

Кокосовото масло и медот се растопуват на пареа. Во блендер се додаваат индиските ореви и сокот од портокал и се блендира. Потоа се додаваат: маслото, медот, какаото и ванилата, и се блендира сѐ додека не се добие течна хомогена смеса. На крај, кората од портокал се размешува со лажица и смесата се истура врз базата во модлата за тарт. Се остава во фрижидер минимум 4 часа, пред да се прелие со топингот.

чоко-портокал тарт
Чоко-портокал тарт / Фото: Приватна архива

Топинг:

– 1 шолја урми
– 2 лажички путер од лешник
– 2 лажици какао прав
– 1/2 лажичка цимет
– 1 лажичка ванила екстракт
– 7 лажици од водата со урми

Подготовка:

Урмите се зовриваат во 2 шолји вода и се оставаат да вријат на тивок оган околу 7 минути. Се процедуваат и не чекате да се изладат, туку се ставаат во блендер заедно со сите останати состојки. Водата се додава постепено! Целта е да се добие течна чоколадна смеса. Топингот се премачкува врз изладениот фил од индиски ореви. Може да се декорира со кора од портокал, какао зрна.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Официјално: Црногорецот Анџелиќ е нов играч на Вардар 1961

Следно

РС Македонија е единствена земја во Европа што има министерство за помалите етнички заедници, вели Ковачевски

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian