„Комити“: Вардар организациски е една обична нула, потпросечен второлигашки тим

2 mins read

Фудбалерите на Вардар не успеја сезонава да се вратат во елитата, иако беа блиску до остварување на целта во Втората лига – Запад.

Скопските „црвено-црни“ триумфираа над Кораби во Дебар, воедно им требаше и победа на Силекс против Воска Спорт, но мечот во Кратово заврши реми.

Верните „Комити“ кои и во добро и во лошо секогаш ја даваат поддршката, се исто така разочарани што клубот не успеа да се врати во Првата лига.

– Тагата и гневот се големи, но ќе поминат, и ако лани увидовме дека Работнички ни е непријател, сега знаеме дека ни е и Силекс. И ако тоа некому му звучи во стилот „секое чудо за три дена“, не е, затоа што ние ќе дојдеме по своето.

Но ако сме реални грешките за оваа најслаба сезона во историјата на ФК Вардар, ќе ги пронајдеме пред се во сопствените редови. Вардар организациски е една обична нула, потпросечен второлигашки тим.

Благодарение на Грне (тренерот на ФК Вардар, Бобан Грнчаров) се врати надежта, но дури и со идеален ефект (пет од пет) не можеа да се покријат организациските пропусти од претходно. Преку Вардар се ништи Македонија, преку Вардар се уништува она малку што е останато, што прави да бидеме горди, достоинствени и препознатливи. Преку Вардар не ништат и нас, како симбол за неискварена, здрава Македонска младина…

Но нас не ништат долго време, а ние сеуште сме тука, и секогаш сме посилни од предходно. Тука сме затоа што не се предаваме, па затоа немаме избор освен да бидеме посилни. Нека проработи инаетот, и целиот гнев нека се претвори во љубов, затоа што ќе победиме единствено со љубовта а не со омразата, и тогаш победата ќе биде триумф – стои во објавата на „Комити Скопје“ на Фејсбук.

www.slobodenpecat.mk

Претходно

Во Скопје санкционирани 161 возачи, 23 за управување под дејство на алкохол

Следно

Бритни Спирс: Го изгубив бебето

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian