Бесплатни дерматолошки прегледи во Градскиот парк по повод борбата против рак на кожа

4 mins read

Во организација на Здружението на дерматовенеролози на Македонија денеска во Градски парк во Скопје ќе се одржи настан под мотото „Да се заштитиме од Сонцето, да спречиме рак на кожа!“ со бесплатни дерматолошки прегледи. Со ова Здружението ќе се приклучи кон активностите на Европската академија на дерматовенеролози и дерматовенеролозите од ЕУ за превенеција од ракот на кожа.

На настанот најавени се обраќања на заменик министерот за здравство доц. д-р Владимир Рендевски, претседателот на Здружението на дерматовенеролози на Македонија проф.д-р Андреј Петров и проф. д-р Сузана Николовска, директорка на ЈЗУ Универзитетската Клиника за дерматологија – Скопје.

Ракот на кожата е меѓу најчестите и најоптоварувачките видови на рак во Европската Унија. Во 2020 година, на над 106.000 граѓани на ЕУ им бил дијагностициран меланом што го прави шести најчест вид на рак и една од дваесетте најчести причини за смрт од рак, се посочува во заедничката изјава на Европската академија на дерматовенеролози потпишана од претседателите на дерматолошките асоцијации од Европа, меѓу кои и од Здружението на дерматовенеролози на Македонија.

– Кератиноцитните карциноми (кои вклучува карциноми на базалните клетки и сквамозните клетки) се далеку најраспространети од сите видови на рак и додека не се опасна по живот во повеќето случаи, може значително да влијаат на квалитетот на животот на пациентот. Голема загриженост е тоа што кератиноцитните карциноми се најбрзо растечките карциноми, а инциденцата се очекува да продолжи да расте (за над 40% до 2040 година), претставувајќи огромен предизвик за здравствените системи. Ова не мора да биде случај, бидејќи ракот на кожата е дел од 40 проценти од карциноми што може да се спречат и чија инциденца би била значително намалени доколку се прифатат посвесни и поодговорни однесувања, стои во заедничката изјава.

Европскиот план за борба против ракот е важна можност да се здружат силите кон развој на соодветна ЕУ политика и регулаторна рамка за справување со ракот на кожата. Со цел да се подобри превенцијата од рак на кожата низ Европа, организациите потписнички ја повикуваат Европската комисија да дејствува на неколку области каде се потребни дополнителни мерки и тоа: подобрување на разбирањето, едукацијата и свеста за рак на кожата и спроведување интервенции засновани на докази за промени на однесувањето и воведување мерки за заштита на граѓаните на ЕУ од прекумерна изложеност на природно и вештачко УВ зрачење. Се бара и препознавање на ракот на кожата како професионална болест и спроведување мерки за заштита од УВ зраците за работниците на отворено, подобрување на регистрацијата на случаите на рак на кожата низ Европа за откривање на ризчните групи и подобрување на раното откривање на рак на кожа со целен скрининг на високоризичните групи.

Беспланите дерматолошки прегледи ќе се вршат во Градскиот парк на платото кај споменикот на Гоце Делчев од страна на доктори дерматолози од приватниот сектор и државните клиники. При тоа ќе биде делен и едукативен материјал за граѓаните.

Настанот е отворен за сите граѓани и општествено одговорните компании кои работат во оваа област, без надоместок.

skopjeinfo.mk

Претходно

Османи на неформалниот министерски состанок на НАТО во Берлин

Следно

Грлиќ Радман: НАТО посилно да се ангажира во Западен Балкан

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian