Утре нова маалска дружба против бетонизација на Влае

2 mins read

Во недела во периодот од 11 до 14 часот, иницијативата „Борба за Влае“ организира т.н. маалска дружба, со цел да се спречи да се донесе ДУП-от со кој ќе се бетонизира целата населба. 

– Пред речиси два месеца ја направивме првата маалска дружба каде што сфативме дека е огромен бројот на сожители, кои се спремни да се борат за нашата населба. Дознавме дека низ декадите имало повеќе маалски иницијативи и петиции, а и дека тие луѓе сѐ уште ги бараат работите што не ги добиле во минатото. Во овие два месеца успеавме да се запознаеме подобро меѓу нас, да истражуваме закони и архитектонски планови, но и да сфатиме што ни е потребно за борбата што би следела ако Општина Карпош не ни ги прифати забелешките за предлог ДУП – објаснуваат од „Борба за Влае“ во објавата за претстојната маалска средба.

Со Деталниот урбанистички план што го спорат жителите, на местото на инклузивното игралиште на плоштадот Делфина и на дел од зеленилото се планира изградба на црква, на чистинката спроти КАМ е предвидена изградба на станбена зграда, а зграда ќе има и на просторот на некогашното кино „Влае“ висока 10 ката. На јужната страна од Порта Влае, пак, се планирани монтажни гаражи на две нивоа.

На дружбата, од Иницијативата планираат да ги презентираат нивните идеи и можни решенија. Тие бараат поддршка и од сите граѓани кои би сакале да помогнат да се спречи носењето на овој ДУП.

skopjeinfo.mk

Претходно

НАТО состанок во Берлин за долгорочната стратегија за Русија и евентуален влез на Финска и Шведска

Следно

Интервју со Љупчо Нечовски, најголемиот евровизиски фан во Македонија: Разликите меѓу нас се само во умовите, но не и во срцата

Latest from Blog

MacedonianEnglishAlbanian